Фото: Слободен печат /Ристе Пејовски

ВИДЕО: „Ер тракторите“ чекаат договор за да полетаат на сервис, хеликоптерите ќе се справуваат со пожарите

Трите ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување во екот на пожарите низ земјава кои се интензивираа на 2. август годинава, не полетаа од скопскиот аеродром за да ја спречат катастрофата.

Останаа приземјени затоа што не се сервирирани од минатата година, кога операторот понудил речиси двојно поголема цена од она што било предвидено претходно и воздухопловите останаа на писта, несервисирани и без можност да полетаат.

-Авионите не се сервисирани од ланската година затоа што лани имаше понуда од само еден оператор, понуда од 42-43 отсто повисока од предвидените средства во буџетот за таа намена. Овие планирани средства беа доволни затоа што пресметката на тој буџет за сервисирање потекнува од луѓето кои се директно вклучени во работите со нив, од пилоти, техничари и инженери и тие ги направија пресметките до Министерството за финансии. Инаку министерството и годинава ни даде буџет кој ние го побаравме за таа намена. Од се што планиравме, операторот прескокна речиси двојно, објаснува за „Слободен печат“ директорот на ДЗС, Беким Максути.

Поради ургентноста и новонастанатата состојба кога пожарите се нескротливи и во источниот и во западниот дел од Македонија, од воздух останаа да ги гаснат хеликоптерите на АРМ и четирите помали хеликоптери кои Србија ги испрати на помош пред неколку дена.

Фото: СЛободен печат/Ристе Пејовски

Сервисирањето на ер-тракторите се уште не е решено, зошто на новиот тендер за сервисери се појавиле два оператори, повикот е поништен, при што едниот, упатил жалба на јавното отварање и ја усложнил постапката.

-Едниот оператор поднесе жалба на поништувањето  на одлуката зошто и двата оператори не ги исполнуваа условите да бидат избрани. Едниот е од Шпанија, другиот од регионот. Поради тоа, побаравме дозвола од Бирото за јавни набавки да се продолжи постапката со преговарање и е започната, веќе неколку денови се преговара и со двата оператори, па до крајот на неделата ќе го одбереме операторот кој ќе ги сервисира сите три авиони, вели Максути.

Тој открива и интересни факти околу набавката на ер тракторите во 2010 година. Имено, тогашната влада на чело со Груевски ги купува за 10,3 милиони евра од Шпанија без притоа да се води сметка каде ќе се чуваат воздухопловите за гаснење на пожар.

Имено, тие немаат хангар, туку на сите временски услови се оставени на отворено на пистата на скопскиот аеродром, во што се увери и екипата на „Слободен печат“.

-Набавката е само  еден дел од  целиот процес.  Одржувањето и чувањето  е главна болка, односно процес кој треба да биде интегрален дел. За жал, се уште немаме хангари за истите. Навистина не ја сфаќам логиката да се купат 3 авиони, но не и хангар за нив. Железото сега е двојно поскапо отколку пред 10 години, па е уште потешко да се изгради простор за нив во сегашни услови, вели Максути.

Понатаму, тој напоменува дека сите три авиони се едноседи, а можел барем едниот да биде двосед со што ќе им се овозможи обука на нови пилоти, наместо сега што се праќаат во странство за што исто мора да се предвидат средства од буџетот на ДЗС.

Во однос на кадарот, вели Максути, ДЗС е екипиран, сега има 7 обучени пилоти и тие се сосема доволни за опслужување на трите противпожарни летала иако според стандарите потребни се најмалку тројца пилоти на едно летало, со оглед на ограничените часови на летање и на пилотот и на леталото при интервенции. Како и да е, се планираат нов конкурс за пилоти во наредниот период.

За ер- тракторите и покрај тоа што во изминатите 10 години имаат помали пехови, како оние во 2012 година летото кога едниот од нив при неправилно слетување без тркала ги оштети лајсните од пловките и за таа поправка беа платени над 60.000 евра, а друг се оштети при полнење на вода од Дојранското езеро, сепак тие се во добра состојба благодарение на тоа што црпат вода од езерата и вештачките акумулации, за разлика од други земји каде вакви летала користат солена морска вода за гаснење на пожари која ги нагризува.

Ер- тракторите наспроти хеликоптерите имаат свои предности и недостатоци кои се употребуваат за гаснење на пожари. Дури има и разлика меѓу различните типови хеликоптери. Вчера директорот на ЦУК Стојанче Ангелов објасни дека македонските хеликоптери имаат поголема носивост на вода од српските и се потешки и може да полетаат и кога има посилен ветер, за разлика од српските кои се полесни и не можат да дејствуваат на силен ветер.

Фото: Слободен печат/Ристе Пејовски

-Српските хеликоптери може да летаат на малку повисока температура, но тие носат помалку вода од македонските, речиси двојно. Тие се помали и носат и помалку гориво кои побрзо се троши и затоа размислуваме за стационирање на цистерни со гориво во касарните во Штип и Куманово за да не мора да се враќаат да полнат гориво на скопскиот аеродром, објасни Ангелов додавајќи дека во услови на големи пожари тоа е ризична и небезбедна опција.

Директорот на ДЗС Максути вели дека секое летало кое се користи при пожари има свои позитивни и негативни страни.

-Количински, авионите може да носат повеќе вода и на брз начин се полнат, но само од езера и акумулации. Но авионите летаат на повисоко и може да е непрецизни кога ја истураат водата, која пак поради височината на лет, делумно испарува и станува буквално прашина. Хеликоптерите пак имаат предност што може да полнат вода и од реки, пониско летаат и се попрецизни, но со помала носивост на вода се тие, вели Максути за „Слободен печат“ додавајќи дека комбинацијата на двата типа на летала е најдобар опција за гаснење на пожарите.

Тој го споменува и моментот на извидување што треба да го прават леталата, при што се следи правецот на пожарот, каде би имало најмногу штети, проширување, и тука е и вклученоста на копнените сили кои до последно жарче треба да го изгаснат пожарот на терен.

Додека се чека конечно да тргнат на сервис трите ер-трактори, Владата на вчерашната седница донесе одлука Агенцијата за стоковни резерви да отстапи 5000 литри Еуродизел од стоковните резерви за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување, без надомест, заради справување со појавата на пожарите на територијата на Република Северна Македонија, за противпожарните возила.

-Согласно Одлуката за постоење кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија и справување со непредвидливите последици Владата го задолжи Бирото за јавни набавки да даде согласност на Генералниот секретаријат на Владата да спроведе постапка со преговарање без објавување оглас согласно член 55 од Законот за јавни набавки, за набавка на 15 000 литри млазно гориво за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување, се наведува во соопштението. 

На терен деновиве се очекува и противпожарен авион од Романија со голем капацитет, кој успеа да го договори министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во договор со колегата Николае Јонел Чука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!