Џими Кимел / Фото: Скриншот/Јутјуб

ВИДЕО | Џими Кимел се врати и се расплака на ТВ: Видеото со неговиот говор доби милион прегледи за 45 минути

Откако Еј-би-си го откажа неговото вечерно шоу поради коментар што го даде непосредно по убиството на конзервативниот коментатор Чарли Кирк, американската медиумска куќа под притисок на јавноста го врати славниот американски комичар и водител Џими Кимел пред малите екрани.

Кимел го одржа својот прв, долгоочекуван монолог откако изминатата недела стана жешка светска тема. Монологот започна со громогласен аплауз од публиката.

„Како што велев… Среќен сум што вечерва сум овде со вас. Не сум сигурен кој имаше понеобични 48 часа – јас или извршниот директор на Тајленол“, започна Кимел, алудирајќи на тврдењата на администрацијата на Трамп дека парацетамолот кој во САД се продава како Тајленол предизвикува аутизам кај децата.

Тој им се заблагодари на сите американски водители кои му дадоа поддршка изминатите денови.

По воведниот дел, Кимел, видливо емотивен, се осврна на своите коментари за убиството на Чарли Кирк.

„Никогаш не сум имал намера да омаловажувам убиство на млад човек“, изјави низ солзи.

Додаде дека никогаш не му била намерата да обвини која било конкретна група. Кимел, исто така, рече дека ги разбира луѓето кои мислеле дека неговите коментари биле несоодветни.

Потоа го нападна претседателот на ФЦЦ (регулаторното тело на американскиот радиодифузен систем), Брендан Кар, именуван од Доналд Трамп, кој барал Еј-би-си да го „тргне“ Кимел од програмата.

Кимел го прозва и Доналд Трамп, кој и претходно повика на отпуштање бројни водители на вечерни шоуа во САД. Потоа ја пофали вдовицата на Чарли Кирк, Ерика Кирк, која за време на комеморацијата во Аризона изјави дека му простува на убиецот на својот сопруг.

„Тоа беше несебичен чин на милост… кој длабоко ме трогна“, рече Кимел.

Да напоменеме дека само еден час пред почетокот на шоуто, Доналд Трамп реагираше на социјалните мрежи.

„Не можам да поверувам дека Еј-би-си ‘лажни вести’ му ја врати работата на Џими Кимел. Еј-би-си ѝ јави на Белата куќа дека неговото шоу е откажано! Нешто се случило во меѓувреме бидејќи тој ја изгуби публиката, а никогаш немал ни талент. Мислам дека сега ќе ја тестираме Еј-би-си. Да видиме како ќе поминат. Претходно мораа да ми дадат 16 милиони долари, а ова ми изгледа дека може да испадне уште попрофитабилно“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал.

САД ги укинуваат визите за оние што ја слават смртта на Чарли Кирк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот