
ВИДЕО: Дончиќ одигра натпревар за паметење и сам ја победи Италија за четвртфинале на Словенија
Кошаркарската репрезентација на Словенија, предводена од неверојатниот Лука Дончиќ, избори пласман во четвртфиналето на Европското првенство, откако славеше над силната Италија со 84:77.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Иако Словенците не оставија премногу убедлив впечаток во групната фаза, кога го имате Лука Дончиќ во својот состав сè е можно. Токму тој блесна при првата пречка во нокаут фазата.
Првата четвртина беше вистинско шоу за Словенија и за Дончиќ, кој ја одигра веројатно најдобрата четвртина на турнирот. Суперѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс постигна неверојатни 22 поени само во првите 10 минути, а Словенија поведе со убедливи 29:11.
Нивната предност во еден момент достигна и 19 поени, а во последната четвртина влегоа со солидни +16. Италијанците се разбудија дури во финишот, Данило Галинари се појави „од никаде“, а Николо Мели погоди важна тројка за да ја намали разликата на само пет поени.
Ситуацијата стануваше сè понапната, Италија се доближи и на само еден поен разлика, но токму тогаш Словенците покажаа карактер. Во последните две минути одиграа одлична одбрана и не дозволија целосен пресврт, зачувувајќи ја победата која ја градеше Дончиќ уште од самиот старт.
Најзаслужен за триумфот, се разбира, беше Лука Дончиќ со фантастични 42 поени и 10 скокови, додека Клемен Препелич додаде 11. Кај Италијанците, најрасположен беше Симоне Фонтекио со 22 поени.
Словенија во четвртфиналето ќе се сретне со актуелниот светски првак – селекцијата на Германија. Очекувањата се големи, а со Дончиќ во ваква форма – Словенија има право да сонува.