
ВИДЕО | Бит-пазар потона во ѓубре, каде се комуналците?
Контејнери што се прелеваат и депонии околу нив преполни со секаков вид ѓубре, ќеси, картонски кутии, храна што се распаѓа и смрди на топлото време, хартии, опаковки од сокови и друг отпад – ваква беше денешната слика пред Бит-пазар, каде што продавачи на импровизираните тезги ги продаваа своите производи буквално среде ѓубре.
Препорачано
Што е со „Комунална хигиена“, да не штрајкува? – прашуваат граѓаните, изреволтирани од грдата слика пред пазарот.
Зошто не се испразнети контејнерите навреме е податок што веројатно го знае само „Комунална хигиена“, од каде што редовно стигаат соопштенија дека континуирано го собираат комуналниот отпад, но и апели да престане, според нив, тенденциозното фрлање ѓубре на недозволени места и околу контејнерите и создавење диви депонии. Оттаму велат дека целта била да се компромитира претпријатието.

Но, забелешки за лошата јавна хигиена и за преполни контејнери, некаде несобрани и по неколку дена, стигнуваат од сите страни на Скопје, а социјалните медиуми се преполни со фотографии од граѓани кои укажуваат на грдата и „смрдлива“ состојба во градот и ги повикуваат комуналците, општините и Град Скопје да се погрижат за чистотата и за здравјето на граѓаните. Граѓаните укажуваат дека отпадот нередовно се собира или дека „ѓубраџиите“ доаѓаат среде ноќ и ги празнат контејнерите со бучава доволна да ја разбуди целата населба.

Има ли некакви проблеми во функционирањето на „Комунална хигиена“? Оттаму постојано тврдат дека работат без застој, но денешните фотографии и видеозаписот од Бит-пазар покажуваат друго.