берни сандерс
Берни Сандерс / Фото: Архива на Слободен печат

ВИДЕО | Берни Сандерс со остра критика кон Трамп – го обвини дека го поддржува диктаторот Путин и дека ги лаже САД

Американскиот сенатор Берни Сандерс го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека застанал на страната на рускиот диктатор Владимир Путин и неговите олигарси за време на турбулентните времиња што ги доживува светот.

„Сведоци сме на многу тажен момент во американската историја. Американскиот претседател се усогласи со рускиот диктатор Владимир Путин за да ја поткопа независноста и демократијата на Украина. Да бидеме јасни: Трамп ни покажува дека на еден од најбруталните диктатори во светот гледа пријател, а на нашите стари демократски пријатели во Европа како непријатели. Тој сака свет кој е безбеден за авторитарни лидери и олигарси, но опасен за демократијата“, рече Сандерс во видеото што го објави на X.

„Нема да се изненадите ако ви кажам дека Трамп лаже, како што тоа често го прави. Вчера рече дека Украина ја започнала војната, тоа не е точно. Русија двапати ја нападна Украина, првиот пат во 2014 година и вториот во 2022 година. Во моментов, Русите окупираат 20 отсто од територијата на Украина. Од ужасната инвазија на Путин, милион луѓе се убиени и повредени. Русија секој ден испраќа илјадници проектили и беспилотни летала во украинските градови, силите на Путин масакрираат цивили и носат илјадници украински деца на „превоспитување“ во руските кампови. Овие ѕверства го наведоа МСП да издаде налог за апсење на Путин за воени злосторства.

Трамп го нарече Зеленски диктатор. Ниту тоа не е точно. Зеленски освои 75 отсто од гласовите на слободните избори. Поддршката за него е поголема од поддршката за Трамп. Украинскиот парламент функционира“, додаде Сандерс.

„Трамп тврди дека нашите европски сојузници прават малку за да ја поддржат Украина. Европа обезбеди повеќе помош за Украина отколку САД. Не е ново дека Трамп повторно лаже. Станува збор за откривање каде сака да ја однесе нашата земја и целиот свет. Трамп му се додворува на Путин.

Кој е Путин и каков свет сака? Путин е диктатор кој го скрши демократското движење. Русија одржува фалсификувани избори на секои шест години на кои освојува 90 отсто од гласовите. Нема слобода на говор и медиуми во Путинова Русија, протестите се насилно задушени… Десетици илјади луѓе се во затвор поради протести против војната во Украина, храбри луѓе како Алексеј Навални се убиени… Путин ја одразува контролата врз својата земја преку едноставен договор со олигарсите: Ако ми дадеш апсолутна власт, можеш да крадеш колку сакаш од рускиот народ… Тоа е рускиот лидер на кој Трамп му се восхитува, но тоа не е перспективата на американскиот народ.

Горди сме што сме најстарата демократија во светот. Знаеме дека нашите сојузници се оние кои веруваат во демократија. „Во овој клучен момент, се надевам дека секој Американец ќе стане и ќе каже да за демократијата, не за олигархијата и авторитаризмот“, рече демократскиот сенатор од Вермонт.

Доналд Трамп ги вознемири духовите со изјавите што ги даде во последните денови за Украина и за украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Трамп му рече на Зеленски дека е диктатор без избори, а САД не ја поканија украинската страна на мировните преговори со Русија што се одржаа во Саудиска Арабија.

Зеленски не чекаше долго да му одговори на американскиот претседател, велејќи дека не е сигурен дека Трамп го разбира конфликтот меѓу Русија и Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот