ВИДЕО: Белорускиот новинар со скршен нос призна вина, девојката останува во притвор – кому Лукашенко му праќа пораки?

Откако белоруските власти објавија кратко видео од уапсениот новинар Роман Проташевич каде тој признава вина, се шират разни верзии за неговата судбина.

Во видео изјавата, која според извори, била дадена под принуда, белорускиот новинар признава дека е организатор на масовните нереди на протестите во Белорусија што повлекува казна и до 15 години затвор според тамошните закони.

Неговиот татко тврди дека снимката покажува дека 26-годишниот новинар е тепан, и дека има видливи повреди по лицето.

-Очигледно е дека му е скрешен носот зошто се гледа дека му е сменета физиономијата и дека има шминка. Левата страна од лицето му е напудрена. Тоа што го изговори, тоа не се негови зборува ниту негова интонација и видно е нервозен. Мислам дека бил принуден тоа да го каже. Не можел да признае дека стои зад масовните протести, зошто тој тоа не го направи, вели неговиот татко Дмитрија Проташевич.

Ова 26-годишно момче е опишано како „личен непријател“ на белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој се задржа на власт и по изборите кои, поголем дел од граѓаните на оваа екс советска република ги сметаат за наместени.

Најмалку два месеци притвор и за девојката на Роман

Во опасност да биде обвинета за тешко кривично дело е и неговата девојка, Софија Сапега (23), која беше уапсена заедно со Проташевич во Минск откако насилно беше приземјен авионот на Рајанер, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.

Оваа студентка, која патувала со Проташевич, била приведена во Минск „поради можноста дека извршила неколку прекршувања на белорускиот кривичен закон меѓу август и септември минатата година“, објави руското министерство, објави Ројтерс.

Софија Сапега, девојката на Роман е уапсена заедно со него/Фото: Инстаграм

Белоруските власти го продолжија притворот за руската државјанка Сапега за уште два месеци, јави ТАСС, цитирајќи го нејзиниот татко Сергеј Дудич.

Сапега е студент на факултет во главниот град на Литванија Вилнус и патувала со Проташевич по одморот во Грција.

За неа се зазеде Кремљ, од каде портпаролот Дмитриј Песков изрази надеж дека девојката наскоро ќе биде ослободена.

– Тргнуваме од категоричната потреба да ги осигураме правата на руските граѓани и да обезбедиме конзуларен пристап. Се надеваме дека белоруските власти наскоро ќе ја ослободат, секако доколку не прекршила ниту еден закон – рече Песков, како што пренесе руската агенција ТАСС.

Тихановскаја имаше повеќе среќа, нејзиниот авион не беше приземјен во Минск

Целата ситуација ја искористи противкандидатката на Лукашенко на претседателските избори Светлана Тихановскаја уште еднаш да алармира за сериозното кршење на човековите права во Белорусија, откако и самата, плашејќи се за својот живот, по изборите во август минатата година побегна во Литванија.

Тихановската за Скајњуз истакна дека Лукашенко кој е познат како „последниот европски диктатор“ – се чувствува способен да ужива „неказнето“ додека ја продолжува својата 26-годишна диктатура во Белорусија. Рече дека тој дрско го прекршил меѓународниот закон со тоа што присилил авион на меѓународен лет да слета во Минск за да го уапси новинарот.

Таа побара многу пошироки меѓународни санкции за режимот на Лукашенко.

Тихановскја, како и многу други опозициски фигури во Белорусија, стравува за својата безбедност и како и Проташевич живее во егзил во Литванија, но заклучува дека никаде не е безбедна додека диктаторот е на власт и не ги уапси сите свои противници.

Светлана Тихановскаја
Една недела пред Роман, Тихановскаја со истиот лет се враќала од Грција – сега стравува и за себе/ Фото: EPA-EFE/ALESSANDRO DELLA VALLE

– Пред точно една недела ја напуштив Атина со истиот лет. Можев да бидам на местото на Роман сега. Отсега натаму, на ниту едно лице што лета над воздушниот простор на Белорусија не му се гарантира безбедност – им рече таа на новинарите во понеделникот.

Поранешната наставничка стана истакнат опозиционер, откако го предизвика Лукашенко на претседателските избори. Бруталната задушување на протестите по неуспешните избори во Белорусија кога повторно на власт се задржа Лукашенко, предизвика остра меѓународна осуда, а единствен кој му го чува грбот е рускиот претседател Владимир Путин.

Сопругот на Тихановскаја сè уште е во затвор во Белорусија, а таа се наоѓа на истиот „список на терористи“ на белоруската тајна служба, која сè уште се нарекува КГБ, и која го стави во притвор Проташевич.

Не е исклучено и тоа дека момчето го мачат и понижуваат во затворот, што им се случуваше на стотиците демонстранти кои беа апсени и притворани за време на масовните протести во Минск и другите градови после августовските избори.

Живот во страв

Проташевич пред да пронајде мир во Литванија, живее две години во Полска каде пребегнал првично од теророт и притисоците на белоруските власти.

Едно време работел во Варшава како уредник во Нексти, опозициски канал со вести на апликацијата Телеграм преку која можел слободно и нецензурирано да пишува против Лукашенко и да го исмејува.

Момчето со години живеело во страв дека ќе биде уапсено, пишува Тајмс.

Каналот Некста, што на белоруски значи „некој“, одигра клучна улога во организирањето на минатогодишните протести. Има околу 1,5 милиони претплатници, а Белорусија поради опозициските активности го означи како „екстремистичка организација“.

Листа на отстрел

Спектакуларното апсење на Проташевич поради кое Лукашенко уште еднаш на себе го навлече бесот на Западот, треба да испрати јасна порака до другите опозиционери, пред се за Тихановскаја.

На листата за отстрел на Лукашенко е и соборецот на Проташевич, Стјапан Путсила со кој заедно со основаат Канал Некста.

Александар Лукашенко уште еднаш го навлече бесот на Западот/ Фото: EPA-EFE/ALEXANDER ASTAFYEV / SPUTNIK / GOVERNMENT PRESS SERVICE POOL MANDATORY CREDIT

-Ми рекоа дека сум следен кого режимот ќе го довлечка назад во Белорусија“, вели тој додавајќи дека е свесен за последиците, но со Роман само сакале да имаат „слободна и независна земја“.

Од друга страна Белорусите се чувствуваат изневерени од Западот бидејќи и после 10 месеци од протестите изостана помошта од ЕУ.

-Откако се случи она вчера, тоа повеќе не е само наш проблем. Будни сме и она што сега ни треба е поддршка и стратешка меѓународна коалиција додека не победиме, рече Алес Зарембиук, претседател на фондацијата Белоруска куќа во Полска, со седиште во Варшава.

Меркел ја осуди постапката на Лукашенко

Одлуката на Белорусија да го натера авионот да слета за да го уапси новинарот е без преседан и неприфатлива, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел и побара дисидентот да се пушти веднаш на слобода.

Меркел со остра осуда за чинот на Лукашенко – побара итно ослободување на Роман и Софија/ Фото: EPA-EFE/JOHN THYS

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот