Фото: ТРТ / скриншот

ВИДЕО | Белците бегаат од ЈАР: „Убивањето белци е дел од револуцијата“, вели еден од политичките лидери на земјата

Авион со 49 бели Јужноафриканци кои, како дел од планот на американскиот претседател Доналд Трамп, добија статус на бегалци, слета во Вашингтон пред неколку дена. Одлуката на американските власти доаѓа по месеци тврдења од Трамп и неговите соработници дека белите луѓе во Јужна Африка се жртви на насилство и дискриминација, особено белите фармери, објавуваат дел од светските медиуми.

САД ја критикуваа ЈАР за одземање на земјиштето од белите земјоделци без никаква компензација. Еден од најблиските советници на Трамп, Илон Маск, претходно изјави дека во Јужноафриканската Република, од којашто и самиот потекнува, имало „геноцид врз белите луѓе“ и ја обвини јужноафриканската влада за донесување „расистички закони за имот“.

Податоците на јужноафриканската полиција покажуваат дека минатата година се регистрирани 44 убиства на фарми и помали земјоделски површини. Јужна Африка не ја наведува расата на сторителите и жртвите, но мнозинството земјоделци во земјата се белци.

Сето ова го доведе во преден план прашањето за постапките на Џулиус Малема, јужноафриканскиот политичар чии изјави за „сечење на грлото на белината“ и „убивање на бели жени и деца“ одекнуваат со години.

Малема, еден од највлијателните и најконтроверзни политичари во земјата, со години е познат по своите провокативни изјави. Неговата партија ЕФФ повикува на национализација на рудниците, експропријација на земјиште без надомест и прекинување на врските со „империјалистичките сили“. Но, она што предизвикува најголема загриженост, и во земјата и во странство, се неговите изјави за белите луѓе, особено за белите земјоделци.

Во 2016 година, Малема на политички митинг изјави: „Не повикуваме на колење на белци, барем не засега“.

За време на интервју за турската телевизиска мрежа „TRT World“ во 2018 година, тој рече нешто многу слично: „Не сме повикале на убивање на бели луѓе. Барем не засега. Не можам да ја гарантирам иднината.“ Кога новинар на ТРТ го праша дали разбира дека ова им звучи геноцидно на луѓето, тој одговори: „Луѓе што плачат“.

Малема и членовите на ЕФФ често ја пеат песната „Убиј го белиот фармер“ – некогашна химна на отпорот против апартхејдот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот