
ВИДЕО | Ангелов: Постапката на Ламбе за граѓаните е симпатична, но штетата за државата е голема, ги потврдуваме бугарските тези
Како политичар но и како Директор на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов ги коментираше вчерашните реакции во јавноста по повод апсењето на Ламбе Алабаковски, осомничен за палењето на центарот за култура Иван Михајлов во Битола.
Препорачано
– На оваа тема можам да зборувам и како директор на ЦУК. Нели во Битола имавме пожар кој можеше да се прошири на околните згради и да ги загрози животите, а пожарите се во надлежност на ЦУК. Сметам дека постапката на Ламбе, колку и на прва е симпатична, јас го разбирам, но не можам да го оправдам. Кај граѓаните во јавноста, неговата постапка наиде на одобрување, но затоа е виновна бугарската страна, бидејќи антагонизмот дојде на такво ниво, да ние на еден ваков чин гледаме со симпатии, изјави во Утрински брифинг Стојанче Ангелов, лидер на Достоинство и директор на ЦУК.
Тој објаснува дека од неколку аспекти целиот случај со Клубот е провокација на која „падна“ државата и граѓаните.
– Прво изборот на Градот Битола за отворање на еден ваков клуб во кој нема Бугари односно или има стотина според пописот на населението, потоа намерното бирање на името на овој клуб – Ванчо Михајлов е однапред смислено за провокација. Јас и вчера кажав, овој клуб Ванчо Михајлов беше отворен за да биде искршен или запален. Тоа е однапред смислена провокација на која што наседнавме. Треба да се види дали наивно или на друг начин наседнавме. Сега граѓаните колку и да гледаат со еуфорија и со симпатии кон овој чин, штетата за нас како држава е голема бидејќи ние сега ги потврдуваме бугарските тези дека ние не сме пријателски настроени кон Бугарија, дека не ги сакаме Бугарите, дека Бугарите немаат права – тие отворија културен клуб која патем има име на фашистот Ванчо Михајлов, но тој е културен клуб, а ние тој културен клуб го запаливме како држава и сега Ламбе ќе биде идентификуван како Македонија како сите Македонци, вели Ангелов.
Разоткривањето на Ламбе Алабаковски како потпалувачот на клубот на Бугарите, во последните 24 часа го направи национален херој и на крајната десница и на Левицата која побара негово ослободување.
-Колку построг ќе биде односот на државата кон Ламбе толку повеќе ќе биде голем антагонизмот во Македонија помеѓу условно речено левицата и десницата. Сметам дека Ламбе постапил наивно, доколку не се утврдат други мотиви. Во знак на револт го направил тој непромислен чин, а можел да ја загрози околината. Но сепак е храбро во центарот на Битола да запалите врата, рече Ангелов.
Ангелов додава дека доколку Ламбе остане во притвор како држава ќе трпиме голема штета:
-Треба да бидеме внимателни во оваа фаза. Да и дозволиме на истрагата да ги утврди вистинските мотиви. Во овој момент сакам да верувам, следејќи ја реакцијата на јавноста дека се работи за наивна реакција на еден релативно млад човек којшто во знак на револт ја запалил вратата, храбар чин, карактеризиран во јавноста, но можеше тоа да го направи и преку ден без маска, за да биде уште похрабро, но и вака е доволно храбро, штетата за државата и така е преголема. Не давањето дозвола да се отвори ваков клуб ќе беше уште поголема штета, а ние не можеме да го чуваме клубот бидејќи ако некој наивен патриот не го направеше тоа, верувам дека тие самите ќе го направеа тоа, самите ќе го искрешеа, тоа е мојот став, вели Ангелов.
Како и да е, моментот кога е направен овој чин е непогоден за Македонија и не оди во прилог на дијалогот меѓу двете земји со кој треба да се постигне взаедно прифатливо решение за да се одблокира патот на РСМ кон Европската унија.
-Државата трпи штета. Во моментот кога Макрон прави натчовечки напори да ги приближи позициите на двете страни, на Македонија и Бугарија, ние имаме еден вакво чин кој ќче биде крунски доказ за нетрпеливоста на Македонците и Македонија, кон Бугарите и Бугарија, смета Ангелов.