ВИДЕО | Андоновиќ: Примирјето да се претвори во траен мир, а Хамас некако да опстане како политички фактор кај Палестинците

Анализа со Дејан Андоновиќ / Фото Слободен печат/ ЕПА

Договорот за четиридневното примирје беше испочитувано а со ослободувањето на новите израелски заложници, владата на Нетанјаху го испочитува својот претходен услов и договорот го продолжи за уште два дена.

Посредниците навестија дека договорот може да продолжи уште неколку дена по истиот принцип.

Иако условите на примирјето се слични на оние предложени од катарските посредници во изминатите недели, израелската влада за време на војната инсистираше дека примирјето е резултат на воениот притисок што Израел го врши врз Хамас. Но, како што потсетуваат одредени светски медиуми пред само неколку недели, владата на Нетанјаху најавуваше дека со употреба на сила ќе ги ослободи заложниците.

Согласувајќи се со условите за ослободување, Израел покажа дека всушност може да преговара со Хамас, премолчено признавајќи дека не е поблиску до уништување на оваа група која со последните случува веќе стана илегална и забранета.

Од друга страна самиот Хамас кај дел од палестинците претставува симбол на отпор на Израелците и му даваат на некој начин поголема доверба отколку на партијата Фатах на премиерот Махмуд Абас која управува со Западниот Брег. Тој е обвинет од дел од палестинците дека корумпиран и го купува мирот кај Израел на штета на палестинскиот народ.

Токму овие сигнали го засилуваат растечкиот скептицизам дека Израел, со американска поддршка, може да го искорени Хамас од Газа.

И покрај прекинот на огнот, снабдувањето со гориво во северниот дел на Газа останува ограничено од израелските сили.

Катарски официјален претставник вели дека дводневното продолжување на примирјето значи дека ќе бидат ослободени уште најмалку 20 израелски затвореници во Газа и 60 палестински затвореници во израелски затвори.

Додека израелската влада допрва треба официјално да го потврди продолжувањето на примирјето, израелското воено радио објави дека е примен нов список на затвореници – кои се очекува да бидат ослободени подоцна во текот на денот.

Израел додаде 50 жени на списокот на палестински затвореници кои ги исполнуваат условите за ослободување „во случај“ да бидат ослободени дополнителни израелски заложници, се вели во соопштението на Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади ги повика светските лидери да работат „силно и итно“ за да го претворат примирјето во „траен прекин на огнот“.

Но останува нејасно дали ќе бидат исполнети сите услови за продолжување на примирјето.

Си-ен-ен, повикувајќи се на странски политички извори, објави дека повеќе од 40 заложници кои во нападите на Хамас врз јужен Израел, на 7 октомври, беа киднапирани и однесени во Појасот Газа се заробени од други екстремистички организации.

Десетици заложници наводно се во рацете на Исламскиот џихад, а некои се држени од жители на Газа кои не се поврзани со екстремистички организации.

Израелските власти потврдија дека има и несогласување околу списокот на заложници што треба да бидат ослободени денес и кажаа дека Израел нема да прифати Хамас да ги прекрши условите од договорот за заложници.

На списокот што го претстави Хамас има само 11 лица, меѓу нив девет деца и две постари жени, а во претходните три дена беа ослободени по 13 заложници. Освен тоа, Израел се противи на раздвојување на семејствата кои се држат како заложници.

Израелските медиуми, меѓутоа, подоцна објавија дека властите ги известиле роднините на заложниците кои ќе бидат ослободени во наредните часови и дека договорот се спроведува, а Израел успеал да ги спречи децата да бидат одвоени од нивните мајки за време на ослободување.

Досега се ослободени 39 Израелци, во замена за 117 палестински затвореници, жени и малолетни мажи и еден руски државјанин кој има двојно државјанство, а беше ослободен надвор од договорот на барање на рускиот претседател Владимир Путин.

Надвор од договорот беа ослободени и 17 Тајланѓани и еден Филипинец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот