ВИДЕО | Андоновиќ: По Севернокорејците и Кинезите војуваат во Украина

Видеото објавено пред три дена од украинскиот претседател Володимир Зеленски го привлече глобалното внимание. Видеото, кое тој го објави на платформата X, покажува кинески државјанин за кој рече дека е еден од двајцата заробени додека се бореле на страната на Русија.

Следниот ден, тој објави второ видео, во кое двајцата мажи, Џанг Ренбо и Ванг Гуанџун, беа прикажани како држат кинески пасоши. Зеленски тогаш тврдеше дека Украина има информации за повеќе од 150 кинески граѓани кои учествуваат во војната на руска страна.

Кинеското Министерство за надворешни работи реагираше претпазливо, велејќи дека е „проверка на информации“ и дека не поддржува учество на нејзините граѓани „во воени операции од која било страна“. Иако Кина досега не испрати вооружени сили или официјално ја поддржа руската воена операција, таа обезбеди значителна поддршка во други форми: од продажба на компоненти што можат да се користат за воени цели, преку увоз на руска нафта и гас, до ширење на пропаганда која ги обвинува Украина и НАТО за војната.

Во моментов нема докази дека кинеската држава е директно вклучена во испраќањето борци во Украина. Но, присуството на Кинезите на фронтот, од двете страни, не е нов феномен. Од почетокот на војната, поединци од Кина објавуваат снимки од бојното поле на социјалните мрежи, најчесто на кинеската платформа Дујин (локалната верзија на Тикток).

Мотивацијата на кинеските граѓани кои се борат на руската страна главно се сведува на финансиска добивка, со доза на личен авантуризам и националистички импулс. Еден 23-годишен маж од провинцијата Гансу изјави за медиумите „Инитиум“ дека отпатувал од Кина во Москва во 2023 година, откако видел видео на Интернет во кое се нудат високи плати за странските борци. Како пожарникар во Кина заработувал околу 400 долари месечно, додека платеничката служба му нудела неколку пати повеќе.

Некои борци наведуваат и идеолошки или ксенофобични причини. Така Жао Руи, 38-годишник од Чонгкинг, изјавил дека сака да ги „убие Јапонците кои ѝ помагаат на Украина“. Тој загина во 2023 година во напад со украински дрон.

Еден од најпознатите кинески борци во Русија е „Црвениот Макарон“, како што е претставен на Дујин. Инспириран од воените филмови, тој наводно ја избрал руската страна бидејќи му било полесно да добие руска виза.

Во интервјуто со протераниот новинар Чаи Џинг, тој ги опиша ужасните услови: лоша опрема, борци третирани како „топовско месо“ и казна за поплаки. Откако изразил желба да го напушти бојното поле, бил затворен во јама со руски дезертери.

Во видеата кои ги објави апелира до сонародниците да останат дома: „Вработете се во Кина, истото можете да го заработите“.

Но сите кинески борци не се за едната страна. Пенг Ченлианг, активист од провинцијата Јунан, беше уапсен во Кина во 2023 година за објави против Русија и во корист на Украина. По седум месеци поминати во затвор, тој се приклучил на украинскиот партиски баталјон во 2024 година. Загинал истата година.

Судбината на овие лица предизвика поделени реакции на кинескиот интернет. Некои ги сметаат за херои, други за платеници без идеали. Кинеската влада досега се воздржуваше од коментари, но новите видеа и зголемениот притисок од странство може да ја принудат да заземе појасен став.

Тврдењето на Зеленски дека Кина сега и воено ја поддржува Русија и неговиот апел до Вашингтон да обрне внимание се дел од пошироката дипломатска и информативна борба што следи по војната во Украина. Но, без јасни докази за поврзаноста на овие борци со кинеските власти, останува неизвесно дали Пекинг официјално ќе ја признае вмешаноста во Украина.

Целата анализа во видеото погоре во текстот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот