ВИДЕО | Андоновиќ: По претседателските избори во САД и во Русија ќе се знае и судбината на Украина?

САД-Русија/ Илустративно фото: ЕПА

За многумина во светот ноември 2024 година ќе биде клучен месец за иднината на светот. Тогаш ќе се одржат и ќе биде познат исходот од претседателските избори во САД на кои по се изгледа актуелниот претсаедател Џо Бајден како претсавник на демократите ќе се обиде да го освои својот реизбор. Од републиканците засега со најголеми шанси барем според анкетите, би можел да биде претходникот на Бајден, Доналд Трамп кој не крие дека како и Бајден сака да се врати на претседателската функција.

Токму исходот од оваа претседателска трка, за многумина ќе биде индикаторот кога и како ќе се решат некои од горливите прашања во светот. Најгорливиот проблем секако е војната во Украина, која го врати светот во времето на „студената војна“.

Оваа војна трае речиси две години и не се навестува кога ќе заврши. „Украина не смее да загуби, Русија не смее да победи“  беше слоганот кон кој се раководеа властите во Киев подржани од западните земји.

Но војната се уште трае, многу подлго од оние кои ја планираа и ја дизајнираа за сопствени геостраешки цели, па почна да се доведува во прашање и нејзиниот исход но и крај.

Западните држави, кои сега со војната меѓу Хамас и Израел, Украина им падна во втор план , шпекулираат за евентуалниот тајминг на завршувањето на војната меќу Русија и Украина.

Висок претставник на Стејт департментот, кој инсистирал  на анонимност, неодамна за агенцијата  Ројтерс изјави  дека Владимир Путин нема наскоро да започне мировни преговори со Украина. Според неговото мислење, тој го чека епилогот од претседателските избори во Америка, по што ќе инсистира на прекин на војната со Украина.

„Очекувам дека Путин нема да се залага за мир или какви било значајни мировни напори додека не го види исходот од нашите избори“, изјавил  американскиот функционер, мислејќи на претседателските избори во САД закажани за ноември 204 година

Ова е првпат некој американски функционер да зборува за мировните преговори меѓу Украина и Русија. Што е уште позначајно, ова е првпат некој отворено да зборува за тоа кога Путин ќе биде подготвен да седне на преговарачка маса, како и да ја спомене важноста на американските избори во целиот процес. Во претходните месеци многу се шпекулираше за можноста за некаков договор меѓу Украина и Русија. Главната причина е очигледниот ќор-сокак во кој двете земји се најдоа на фронтот.

Путин и Зеленски истовремено се соочуваат со внатрешни потреси, како и со промена на односите во меѓународната заедница. Војната меѓу Израел и Хамас на Блискиот Исток, која постојано се заканува да ескалира и да се прелее на други теми, го привлече целото внимание на Западот. Како прво, најголемите сојузници на Украина сега имаат горлив проблем на другата страна на светот. Таму сега одат оружјето и парите, додека Киев неуспешно апелира и бара нови испораки.

Токму поради оваа причина, се шпекулираше дека меѓународната заедница ќе изврши притисок врз Зеленски, за тој што поскоро да прифати склучување на мировен договор.

Путин, пак, си ги исцрпува ресурсите, а потребна му е некаква победа поради изборите што се одржуваат во Русија следната година.

Сепак, изјавите на американскиот функционер сугерираат дека Путин има друга агенда – изборите во САД.

Но следната година има и претседателски избори во Русија.

Во март следната година во Русија ќе се одржат претседателски избори, први од почетокот на инвазијата на Украина. Владимир Путин очекувано има најголема предност и голема популарност. Путин, пак, има голем проблем, поради кој се чини дека актуелниот шеф на Кремљ не оди на избори со ентузијазам. Напротив, ситуацијата кај него е драстично променета.

Војната во Украина и донесе санкции на Русија, граѓаните живеат потешко бидејќи инфлацијата расте, мажите се мобилизираат и испраќаат на фронт, армијата не извојува „голема и брза победа“, па се чини дека Путин со причина е загрижен затоа што се ближи март.

Претстојните претседателски избори никогаш не биле поважни. Ова се први избори по целосната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година.

Путин е „необјасниво загрижен“ за исходот од претстојните избори следниот март, соопшти Институтот за проучување на војната (ISW). Американска истражувачка група укажа на коментарите оваа недела на претседателот на Централната изборна комисија на Русија дека Русите „веќе почнале со напорите да ги дискредитираат“ изборите.

ISW анализираше дека коментарите сугерираат дека Русија „ќе продолжи да ги интензивира напорите за цензура под превезот на борба против обидите за внатрешно мешање во изборите“, што имплицира дека Путин не се чувствува целосно безбеден додека брка реизбор.

Изборите се директно поврзани со воената стратегија на Путин од 2024 година. Поточно, дали ќе нареди нова мобилизација, која е доста непопуларна меѓу Русите.

Критичарите ја доведуваат во прашање целта на претседателските избори во земја разурната од војна, каде што повеќето опозициски лидери се или прогонети или затворени, изборниот апарат контролиран од Кремљ филтрира кој може и кој не може да се кандидира, а повеќето вести се пофалба за актуелниот претседател.

Следна година е клучна бидејќи е изборна кај двете светски супер сили кои се конфорнтирани околу Украина. На овие избори ќе треба да се изберат нови или истите политички актери кои се предводници во креирањето на новиот светски поредок. Ако се земе во предвид дека следната година и Украина треба да го избере новиот или реизбере стариот престеател Зеленски, останува да се види дали старо новата политилчка гарнитура ќе постигне договор за решавање на конфликтот кој повторно ја спушти „железната завеса“ и го подели во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот