
ВИДЕО | Агелер за контактите со Груби додека тој беше на власт: Многу сум свесна кога луѓето ме лажат в лице
Американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, во подкаст на Македонско-американската алумни асоцијација рече дека вклучувањето на Артан Груби на „црната листа“ на САД не било политички мотивирано или темпирано. Таа додава дека случајот со Груби е објавен кога бил завршен, односно тоа не било поврзано со неговото заминување од вицепремиерската функција.
Препорачано
Агелер негира дека САД чекале претходната влада да замине за да ја објават мерката и вели дека доколку Вашингтон го имал подготвено случајот додека Груби бил на власт, ќе го објавеле тогаш.
„Кога нечие име официјално ќе биде ставено на листата, кога ќе биде објавена таа одлука, можам да ве уверам дека процесот бил темелен. Не било случајно и не е политички мотивирано. Не е политички темпирано. Ништо од тоа. Кога Вашингтон ќе го заокружи процесот, тогаш се прави објавата“, рече Агелер.
.
Што се случува потоа е друго прашање, вели амбасадорката.
„Знам дека има луѓе кои зборуваат за повторно воведување закони и рестриктивни мерки, за повторно прегледување на целиот случај. Но, доказите се тука и голем дел од нив и е можно да се состави случај од тоа што е достапно овде и во непосредниот регион. Оттука, дали ние во амбасадата се надеваме дека тоа ќе се случи? Да, но исто така, ние не сме правосудни органи и јас не можам да му диктирам никому, но се надевам дека ова ќе поттикне некаква акција. И морам да кажам дека овој, последниот случај на санкционирање, се чини дека предизвика прилично голема реакција, и мислам дека тоа е добра работа“, вели Агелер, додавајќи дека „никој не е над законот“.
Според американската амбасадорка, неважно е каде е Артан Груби, но вели дека „генерално гледано, луѓето не бегаат ако немаат што да кријат“.
На прашањето како се чувствувала кога постојано била во контакт со личности за кои знаела дека се под истрага за корупција, Агелер рече дека е жално кога луѓето ја лажат во лице, а таа е свесна за тоа.
„Знаете, во многу случаи, јас од почеток знам. Многу сум свесна кога луѓето ме лажат во лице и тоа е жално, но тогаш, пак, знам дека не треба да верувам многу во она што го кажуваат. Јас сум американски амбасадор. Кога имаме интеракција со Владата, тоа го правиме. Јас нема да престанам да си ја работам својата работа затоа што верувам дека некој ме лаже, и тоа е дел од природата на нашите интеракции и тоа не влијае на временските рокови“, одговори Агелер.