Срѓан Ивановиќ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Ветување милијарди – македонска дисциплина

Кога јас се задолжувам во банка ми даваат договор во кој пишува Договор за заем, а не Договор за стратешко пријателство, но, да бидеме фер до крај и да признаеме дека договор за стратешко пријателство звучи подобро од договор за заем

Има нешто речиси мистично, чиниш езотерично во односот помеѓу македонските политичари и милијардите. Милијарди од марки, долари, евра, фунти, не е битно, битно е дека се милијарди и дека се позајмуваат.

Првиот „милијардер“ во славната низа на политичари, да се потсетиме, беше Васил Тупурковски, кој во кампањата за изборите во 1998 година вети милијарда. Една милијарда, која прво беше пресметувана во американски долари, а потоа во германски марки и тоа помина така тивко незабележано, иако односот на двете валути во тоа време беше 2:1. И нема врска, бидејќи милијардата никогаш не влезе во Македонија, ама ние влеговме во една од посмешните дипломатски авантури во историјата на меѓународните односи, кога го признавме, а потоа и го „отпризнавме“ Тајван, од каде што требаше да пристигне споменатата милијарда марки или долари, сеедно.

Неколку години подоцна во светот на милијардите влезе и Никола Груевски, кој пред некои, не знам кои, ама со сигурност беа предвремени парламентарни избори, бидејќи само такви и се организираа во негово време, тој вети инвестиции од седум милијарди евра. За помладите читатели ќе биде потребно да истакнам дека пред ветувањето на Груевски за милијардите, му претходеше реализацијата на проектот „Скопје 2014“ за кој од буџетот беа потрошени некои 600, 700, можеби и 800 милиони евра, не знам или подобро речено никогаш не се дозна точна бројка, па на електоратот му беше потребен „бустинг“ во ветувањата. Спомениците и фасадите од „Скопје 2014“ за живо чудо не донесоа економски просперитет, па Груевски набрзина се сети дека ќе влегува во инвестициски бум со милијардите за кои не кажа од каде ќе ги набави, ама ете им ги понуди на граѓаните. И нормално тој победи на тие избори, а набргу потоа сите заборавија на милијардите и продолжија по старо.

Зоран Заев, ах тој, неколку пати ветуваше бумови, бесплатно здравство кое патем е цело време бесплатно, па велеше дека Гугл и Мајкрософт само што не влегле во Македонија. Заев рече сè, ама ете никогаш не спомна милијарда и тука мора да бидеме прецизни. Ама затоа неговиот наследник, човекот кој беше одбран да ја продолжи борбата, Димитар Ковачевски, вети не една, не три или пет, туку осум милијарди евра инвестиции во стопанството. Ковачевски, ако не ви текнува за кого се работи, тоа е оној ќелавиот, постигна најмногу во дисциплината „ветување милијарди“ до сега. Тешко е да се надеваме дека во блиска иднина некој ќе го собори неговиот рекорд, особено откако новата Влада, со огромни напори и геополитички вратоломии стигна до „скромни“ седум милијарди.

Прво беше милијардата од Виктор Орбан, од која досега искористивме половина и тоа за изградба на чешми и асфалтирање на атарите на селата низ руралниот дел од државата, а сега на ред дојдоа парите од „стратешкиот договор со Велика Британија“, од кој Македонија ќе добие шест милијарди фунти. Пардон, нема Македонија да добие, туку ќе се задолжи шест милијарди фунти, кои ќе бидат враќани со камата, а висината на каматната стапка се држи во тајност. Зошто, не знам зошто. Ама знам дека кога јас се задолжувам во банка ми даваат договор во кој пишува Договор за заем, а не Договор за стратешко пријателство, но, да бидеме фер до крај и да признаеме дека договор за стратешко пријателство звучи подобро од договор за заем.

Еве баш сега вицепремиерот Александар Николоски е во Лондон, каде тој во името на Владата ќе го потпише договорот со Обединетото Кралство. И додека тој нестрпливо цупка, те на едната, па на другата нога во собата „Винстон Черчил“, во која ќе се одржи свеченоста, да го потсетам дека македонската историја на милијарди и не е така блескава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот