
Весна Никодиноска, МИМ: Децата ќе учат како да се справат со дезинформациите
Во текот на основното образование учениците треба да научат да ја проценат вистинитоста на содржините, да распознаваат релевантни информации и кредибилни извори, да ги почитуваат туѓите мислења. Важно е децата да разберат дека медиумите и медиумските пораки, често и несвесно, влијаат врз нивните размислувања, однесување и дејствување, вели Никодиноска, која е дел од тимот што работи на вклучување на медиумската писменост во формалното образование.
Во последните десетина години, технолошкиот, информацискиот и економскиот развој на глобално ниво го промени начинот на кој стигнуваме до информациите, а го промени и начинот на комуникација меѓу луѓето, институциите и компаниите. Секој од нас на дневно ниво е изложен на огромен број информации што стигнуваат до нас преку различни видови медиуми – печатот, телевизијата, радиото. Истражувањата покажуваат дека голем дел од публиката, а особено младите сè почесто се информираат преку интернет-порталите и преку социјалните мрежи. Дел од мноштвото информации што го преплавуваат нашето секојдневие не се секогаш точни, а можат да имаат и други цели освен да информираат – на пример да манипулираат со мислењето на луѓето, преку реклами, дезинформации итн. Поради тоа секој од нас, од најрана возраст, треба да развива нови вештини за критичко восприемање на содржините со кои сме „бомбардирани“.
Препорачано
За овие теми разговаравме со Весна Никодиноска, раководител на програми во Македонскиот институт за медиуми (МИМ), која е дел од тимот што работи на вклучување на медиумската писменост во формалното образование.
За почеток, да ни објасните што значи поимот медиумска писменост и што опфаќа тој? Што значи да се биде „писмен“ во дигиталната ера?
– Во минатото писменоста подразбирала да се знае да се чита и да се пишува. Но, денес живееме во мултимедијална реалност што од нас бара да стекнеме нови вештини и знаења неопходни за да им пристапиме на релевантните информации, да ги анализираме и критички да ги проценуваме, но и самите да креираме медиумски пораки на безбеден и одговорен начин. Разбирањето на медиумите, на медиумската и на комуникациската реалност, нè оспособува да дејствуваме и да се вклучиме во процесите во општеството – и да бараме решенија за проблемите. Анализирањето на информациите и развивањето критичко размислување за медиумските пораки, ни помага да направиме вистински избори во различни аспекти од нашиот живот засновани на релевантни информации – без оглед дали станува збор за избор на здрава храна, на вакцина, за избор на факултет, за гласање на избори итн. Медиумската писменост е функционална писменост на 21 век.
Медиумската писменост веќе е дел од формалното образование. Може ли да ни го објасните моделот на вклучување на медиумската писменост во основното образование?
– Сметаме дека многу е важно младите од најрана возраст да почнат да развиваат вештини за критичко размислување, и тоа во рамките на формалното образование. Речиси децениските заложби на МИМ и на уште неколку други невладини и образовни организации се реализираа кога во 2021 година медиумската писменост стана дел од наставните програми во основното образование. Моделот подразбира вклучување соодветни теми во различни предмети од прво до деветто одделение – во мајчин јазик, информатика, општество, граѓанско образование. Со цел да се овозможи системски пристап што развојно ќе се интегрира во наставните програми, Бирото за развој на образованието, Меѓународниот одбор за истражување и размена (ИРЕКС) и МИМ подготвија документ наречен Рамка за медиумска писменост во основното образование, во кој е објаснето зошто медиумската писменост треба да биде вклучена во образованието, а се претставени и темите и начините на вклучување во наставните програми од прво до деветто одделение. Овие активности се дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведуваат заедно ИРЕКС, МИМ, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум. Во целиот процес многу е важна институционалната поддршка од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука.

Што ќе се постигне со воведување на медиумската писменост во образованието? Како овие теми ќе им помогнат на учениците да го развиваат критичкото размислување?
– Станува збор за градење вештини. Во текот на основното образование учениците ќе се оспособат критички да ги анализираат медиумските пораки и да креираат медиумски содржини преку кои ќе можат да се изразат и да го искажат своето мислење, одговорно и безбедно за себе и за другите. Треба да научат да ја проценат вистинитоста на содржините, да распознаваат релевантни информации и кредибилни извори, да ги почитуваат туѓите мислења. Врз основа на информациите ќе научат како да извлекуваат заклучоци засновани на аргументи, да креираат сопствено мислење или да го модификуваат. Важно е децата да разберат дека медиумите и медиумските пораки, често и несвесно, влијаат врз нивните размислувања, однесување и дејствување.
Како се подготвуваат наставниците за да можат да ги пренесат знаењата поврзани со медиумската писменост на учениците?
– Пристапот на медиумската писменост се темели на ентузијазмот и на креативноста на наставникот. Тој треба да ги насочува учениците во процесот на потрага по знаење, да ги поттикнува да бидат љубопитни и да поставуваат прашања, да нудат и да бараат решенија. Овој пристап не подразбира учење напамет, туку преку заедничка вклученост на наставникот и на учениците треба да се разберат содржините, појавите и процесите во општеството. Во една креативна училница учат сите, и учениците и наставниците.
Преку проектот, од септември годинава до март 2024, се организираат обуки за околу 8.500 наставници од сите основни училишта од земјава, што ги реализираат обучени наставници и советници од БРО. Со обуките се опфатени наставници од одделенската настава и наставници по мајчин јазик од шесто до деветто одделение. Целта е тие да се запознаат и да ги продлабочат знаењата за медиумите и нивните карактеристики, улогата на новинарството, предизвиците на социјалните мрежи, што се дезинформации, како да се проверуваат информациите и како да ги поттикнуваат учениците сами да создаваат медиумски содржини. На овој начин сакаме да ги зајакнеме капацитетите на образовниот кадар за да го пренесуваат знаењето и по завршувањето на проектот.
Што поточно ќе учат учениците во основното образование? Може ли да ни посочите пример како изгледа еден час по медиумска писменост, што вклучува?
– Во пониските одделенија се учи за видови медиуми и медиумски пораки, влијанијата на медиумите, информациите и комуникацијата во онлајн и офлајн сферата. Во повисоките одделенија учат за улогата на новинарството и новинарски жанрови, слободата на изразување, стереотипи и говор на омраза во медиумите. Во седмо одделение се запознаваат со терминот дезинформации, со опасностите на социјалните мрежи, учат како да ги проверуваат информациите. Во текот на целото образование учат да креираат медиумски содржини на безбеден и одговорен начин.
За илустрација на еден час, ќе посочам дека во петто одделение учениците учат како да разликуваат факти од мислења. Ќе научат дека фактите може да се проверат, додека, пак, мислењата претставуваат гледишта и верувања што можат да бидат субјективни и пристрасни. Учениците преку заедничка работа анализираат текстови и примери, сами пронаоѓаат примери и дискутираат за наученото.
Какви се искуствата во образовните системи во Европа? Дали медиумската писменост е вклучена во формалното образование?
– Медиумската писменост е дел од образовните системи на повеќе држави во регионот, во Европа и низ светот, веќе педесетина години. Моделите на вклученост се различни – во некои држави е вклучена како пристап во сите предмети, во други постои како специфичен предмет во наставата, а некаде се изучува во неколку предмети. Врз основа на споредбените искуства, но имајќи го предвид и локалниот контекст, во Македонија медиумската писменост е воведена на неколку начини – како посебна тема во предметот мајчин јазик од прво до деветто одделение, преку вклучување одделни аспекти на оваа тема во содржините на повеќе други предмети во некои одделенија, како алатка за реализирање одделни активности на часот и преку слободни изборни предмети.
Како ние возрасните да се „одбраниме“ од лажни вести и дезинформации?
– На секој поединец му се потребни вештини за критичко размислување за да може да распознае што е точна, а што погрешна информација, што е факт, а што мислење, што е професионална информација, а што е дезинформација. Не треба да се прифаќаат работите што ги читаме здраво за готово, туку треба да размислиме и да си поставуваме прашања – кој ја создал оваа информација, со која цел, за која публика, какви вредности пренесува таа, кој е ефектот од неа? Секако дека треба да го провериме изворот или авторот, да споредиме што пишуваат другите медиуми и да читаме внимателно, не само насловот туку целата вест. И секогаш треба да поседуваме една здрава доза скептицизам, особено кога ќе прочитаме „шокантно, скандалозно“ или кога забележуваме некоја нелогичност во информацијата.