
Весна Дамева се врати на чело на Судскиот совет
Правничката Весна Дамева од денеска повторно е на чело на Судскиот совет, откако Управниот суд со пресуда ја поништи Одлуката за нејзиното разрешување од претседателската позиција што Судскиот совет ја донесе во мај минатата година. На итна седница на Судскиот совет актуелниот претседател Сашко Георгиев поднесе оставка од позицијата по негово сопствено барање, а како втора точка на дневниот ред се постапи по пресудата на Управниот суд. Заменик-претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели рече дека нема да расправаат по одлуката на судот, односно дека со поништувањето на разрешувањето на Дамева, на сила е претходната одлука со која таа е избрана за претседател на Судскиот совет. Зендели најави дека на следната седница ќе преседава Дамева, која ќе одлучи кога таа ќе биде закажана и со кој дневен ред.
Препорачано
Освен тужба до Управниот суд Дамева во мај поднесе и кривична пријава до Скопското јавно обвинителство за сторено продолжено кривично дело злоупотреба на службената должност и овластување, но од ЈО до денес нема информација дали се постапува по пријавата и до каде е постапката.
Управниот суд пресуди дека Судскиот совет без образложение утврдил недоверба за претседателката Дамева, по што незаконски ја разрешил од функцијата. Управниот суд му препорачува на Судксиот совет ако сака да ја смени Дамева, тоа да го стори во законски утврдена постапка.
Утрово пред итната седница членовите на Судскиот совет повеќе од два часа на затворен колегиум расправаа во врска со пресудата. Претходно од Советот најавија дека немаат право на жалба, а пресудата на Управниот суд мора да ја испочитуваат во рок од 30 дена.

Разрешувањето на Дамева предизвика бура од реакции на функционери од извршната власт, на дел од амбасадорите, на здруженијата на граѓани што го следат правосудството и на гражаните. Министерот за правда Кревар Лога побара тогаш побара оставки од сите членови, а оставки поднесоа двајца членови, судиите Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски. Незаконското разрешување на Дамева се најде како издвоен случај и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Макдонија кон стандардите на ЕУ, а во земјата летово присуствуваше и оценска мисија на Унијата која даде над 40 препораки за реформа на Судскиот совет.
Денеска премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање рече дека се согласува со оценката на амбасадорите кои рекоа дека според нив, Судскиот совет станал нелигитимно тело.
Што пресуди Управниот суд?
Во тужбата за управен спор до Управниот суд Дамева навела дека ја оспорува законитоста на одлуката за разрешување поради погрешна примена на материјалното право и дека во постапката пред одлуката за разрешувањето не е постапено според правилата. Во тужбата Дамева побарала случајот да се води според Законот за управни спорови, со оглед дека во Законот за судски совет нема одредби со кои е пропишана правна заштита на претседателот во ситуација кога Советот донесува одлука за негово разрешување. Дамева во тужбата навела и дека предмет на разгледување и одлучување била недоверба кон претседателот, односно кон неа, иако не постои законска можност ниту со Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот за работа на Советот да се разгледува и оценува довербата на претседателот и да се предлага негово разрешување. Дамева дополнила и дека нејзе воопшто не ѝ биле предочени причините поради кои било поставено прашањето за оценување на довербата, не ѝ биле презентирани факти и докази, не ѝ било оставено доволно време за да се подготви, ниту пак реално ѝ било овозможено доволно време да презентира аргументи, факти и докази со кои ќе се спротивстави на „вербалните обвинувања“ на членовите на Советот. Дамева во тужбата навела и дека оспорената одлука за нејзиното разрешување е донесена согласно член 38 од Законот за Судскиот совет, а со него се регулира работата на седниците на Советот и овој член не е основа за разрешување на претседател на Судскиот совет, што укажува на отсуство на материјално право.
Судскиот совет одговорил на тужбата и му предложил на Управниот суд да ја одбие како неоснована, со образложение дека во Законот за судски совет од страна на законодавецот не е предвидена одредба со која се регулира начинот и постапката за разрешување на претседателот, ниту е предвидено правно средство против ваквата одлука, која била донесена согласно член 38 од Законот за Судскиот совет, кој предвидува дека Советот ги донесува одлуките со мнозинство од присутните членови со право на глас. Судскиот совет во одговорот навел и дека прашањето за доверба на Дамева било предложено како точка на дневен ред од страна на пет членови на Советот, а самиот член 38 од Законот за Судски совет не давал ограничување по однос на тоа која точка ќе биде ставена на дневниот ред.
Дамева не се произнела по одговорот на Судскиот совет на нејзината тужба.
„Судот, имајќи ги во предвид наводите на тужителот, одговорот на тужбата, како и со увид во списите на предметот, најде дека тужбата е дозволена, со тужбата се оспорува Одлука на Судскиот совет со која е повредено право на тужителот, против која не е дозволено изјавување на редовно правно средство и не е обезбедена правна заштита во друга судска постапка. Исто така тужбата е навремена и поднесена од овластено лице. Тужбата на тужителот е основана“, наведува Управниот суд во пресудата.
Судскиот совет не почитува закони?!
Понатаму судот наведува дека Судскиот совет навел дека одлуката за разрешување на Дамева влегува во сила со денот на донесувањето, 4 мај 2023 година. А во образложението на одлуката е наведено дека на тој ден е расправано за доверба на претседателката и со мнозинство на гласови е незгласана недоверба, а по изгласаната недоверба, по предлогот за разрешување од функцијата претседател е донесена одлука за разрешување со 9 гласа „за“ и 3 „против“. Наведено е и дека одлуката е донесена врз основа на член 38 од Законот за Судскиот совет.
„Оценувајќи ја законитоста на оспорената одлука, Судот најде дека истата е незаконита поради повреда на правилата на постапката, односно затоа што оспорената одлуката содржи такви суштествени недостатоци што ја спречуваат оцената на законитоста на актот“, наведува Судот во пресудата.
Судот понатаму ги наведува одредбите што Судскиот совет морал да ги испочитува од Законот за општата управна постапка, Законот за Судски совет итн, а во врска со начинот на донесување на управната одлука и нејзината содржина, што Судскиот совет не го испочитувал. Управниот суд наведува и како се води постапката за дисциплинска одговорност за член на Судкиот совет, што исто така во случајот со Дамева не е испочитувано.
„Ченовите на Советот со право на глас во вршењето на функцијата се еднакви во правата и обврските. Во конкретниот случај, Судот најде дека образложението на оспорената одлука е нејасно, односно тужениот орган не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува од функција тужителот, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти кои упатуваат на донесување на онаква одлука. Имено, во образложението тужениот орган само навел дека со мнозинство на гласови била изгласана недоверба тужителот како претседател на С. с., по што и била донесена Одлуката за разрешување со мнозинство гласови од присутните членови со право на глас. Во истото не се наведени ниту причините поради кои барањата, предлозите и тврдењата од сега тужителот не биле земени во предвид, ниту се наведени законски одредби, по кои била спроведена постапката која претходела на донесувањето на оспорената Одлука, со оглед на тоа дека истиот само се повикува на член 38 од Законот за Судскиот совет, со која одредба само се регулира работата на седници на Совет“, наведува Судот.