Раде Трајковски-Штекли

Вештакот Ангелковски вели дека Штекли има шизофрени карактеристики и верува во измислени личности

Вештакот Ѓорѓија Хаџи Ангелковски сведочеше дека состојбата на Раде Трајковски е значително влошена во однос на претходното вештачење, опишувајќи го како студен.

Штекли верува во реинкарнација и тврди дека е воден од „учител“ кој го пренесува од тело во тело и верува во фиктивна личност која „му наредува што да прави и како да постапува“, изјави денеска вештото лице на одбраната, Ѓорѓија Хаџи Ангелковски, кој даде психијатриска проценка за обвинетиот Раде Трајковски, осомничен за учество во организирана продажба на дрога, проценувајќи го како психотичен.

Хаџи Ангелковски го посетил Трајковски во затворот „Скопје“, каде што интервјуто, како што рече, траело подолго од вообичаено. Во своето сведочење, тој истакна дека состојбата на обвинетиот е значително променета во однос на претходното вештачење кое го извршил пред седум до десет години, кога кај Трајковски била констатирана епилепсија.

— Не е тоа истата личност која што ја видов сега во затворот. Не станува збор за здрава личност која имитира лудак, обвинетиот е студен, афективно неангажиран, раздразлив и параноиден – поставил камери дома и е убеден дека е следен — изјави Хаџи Ангелковски, нагласувајќи дека кај обвинетиот се забележуваат психотични состојби со шизофрени карактеристики.

Штекли не може да ја следи судската постапка?

Одбраната тврди дека Трајковски не е во состојба да ја следи судската постапка, додека обвинителството останува на ставот дека тој е апсихотичен и способен за учество во расправата.

На прашање на судот дали „Трајковски е тотално „вон себе“, вештото лице одговори со „не“.

Судењето продолжува на 5 септември со сведочење на вештите лица на предлог на обвинителството.

Судијата Илија Трпков најави дека ќе ги соочи вештите лица од двете страни пред да донесе одлука дали ќе се прифати едно од вештачењата или ќе се нареди ново.

Обвинението опфаќа 10 луѓе

Обвинението, поднесено од Обвинителството за гонење на организиран криминал, опфаќа вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага во која биле применети посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седуммина веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.

На претходното рочиште, исто така, четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – поднесоа предлог за признавање вина, по што судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.

Според обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и на марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана.

Комуникацијата се одвивала преку апликацијата „Снепчет“, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, донација од САД.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!