
Верските училишта влегуваат во образовниот систем, Владата тврди дека сè е според Уставот
Законот за верски училишта, со кои тие практично се внесуваат во образовниот систем во државата и нивните дипломи почнуваат да важат како дипломите на сите други државни и приватни училишта, е во согласност со Уставот, тврдат од Владата откако граѓански организации жестоко го критикуваа.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Новиот закон за верски училишта е изготвен врз основа на уставните одредби, кои предвидуваат верските заедници да можат да основаат училишта, како и согласно сите претходно пристигнати сугестии во Mинистерството за образование и наука (МОН)“, велат за „Мета“ од Владата.
Наспроти ова, граѓанските организации обединети во Мрежата за заштита од дискриминација пред извесно време остро реагираа против законот, наведувајќи дека тој е противуставен, правно неусогласен и претставува „опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование“.
„Законот е спротивен на Уставот и на Законот за средно образование. Предлог-законот е во колизија со Уставот. Слободата на верските заедници да основаат верски училишта е загарантирана со чл. 19 од Уставот, но овие училишта можат да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип. Членот 22 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група дозволува основање верски образовни установи од сите степени освен основното образование, исклучиво за школување на свештени лица и верски службеници. Овој закон претставува lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон. Оттаму, не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта со право за упис на секој факултет“, наведено е во реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација.
Тие посочуваат на одлука на Уставниот суд објавена на 29 мај 2024 година, која потврдува дека системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата и верата.
„Законот за средно образование (чл. 7) изречно забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување верски обележја во средните училишта. Законодавецот направил јасна разлика помеѓу редовни и специјализирани училишта, каде што вторите се наменети исклучиво за задоволување на внатрешни потреби на верските заедници. Мрежата бара итно повлекување и повикува Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност. Усвојување на ваков закон претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем“, се додава во соопштението.
Во Владата објаснуваат дека овој закон ги става учениците од овие училишта во еднаква положба, односно се изедначуваат нивните права со правата на останатите ученици во другите училишта.
„Ако ученик од средно верско училиште сака да се запише на факултет кој е надвор од областа која ја изучувал во средното образование (ова порано не им беше овозможено), наместо училишна, потребно е да одбере државна матура, на која ќе треба да го полага соодветниот предмет. Тоа значи дека треба да се подготви за полагањето, да го совлада материјалот по тој предмет“, велат во Владата.
Во предлог-законот со посебен член е уреден и начинот на финансирање на верските училишта, а Државниот просветен инспекторат ќе врши надзори и контроли околу почитувањето на одредбите, како и други надлежни институции.