
Венди Вилијамс во битка за слобода: Поранешната водителка тврди дека неправедно е под старателство
Поранешната водителка Венди Вилијамс (60) преку телефон даде интервју за емисијата „The View“, во кое откри детали за своето старателство и објасни зошто е сместена во установа од која не смее да излезе.
Препорачано
Таа откри дека неодамна била примена во болница откако од центарот за грижа во Њујорк фрлила порака низ прозорецот со натпис: „Помош! Венди!!“. Според нејзините зборови, таму била подложена на проценка на својата способност и дополнителни медицински прегледи.
Американскиот медиум „Пејџ сикс“ пренесе дел од интервјуто кое ќе биде објавено во петок, а во него Вилијамс јавно ѝ се обрати на својата старателка Сабрина Мориси, барајќи од неа да ја ослободи од ограничувањата. Таа нагласи дека самата одлучила да се подложи на независен психолошки тест, кој го поминала со најдобар резултат.
„Ми требаше свеж воздух и мораше да посетам лекар, затоа отидов во болница“, изјави Вилијамс, додавајќи дека направила крвни анализи поради проблеми со тироидната жлезда.
Таа категорично негира дека е неспособна, истакнувајќи: „Како се осмелуваат да кажат дека не сум способна? Не сум!“.

Последниве денови, поранешната водителка контактирала повеќе медиуми во обид да ја изнесе својата страна од приказната. „Пејџ сикс“ објави дека таа сепак успеала да излезе на вечера со нејзината внука Алекс Фини, но ваквиот потег довел до нови проблеми.
„На почетокот сè беше одлично, вечеравме во ресторан, имаше папараци и застанав да позирам, бидејќи тоа е она што јас го правам. Но, двајца вработени од установата беа таму и ме чекаа. Не ми е дозволено да правам ништо, можам само да останам на овој кат во установата за паметење“, раскажа таа, посочувајќи дека институцијата во која е сместена е наменета за повозрасни луѓе, додека таа има само 60 години. „Зошто сум тука?“, праша таа.
Вилијамс, која е позната по својата искреност и храброст пред камерите, призна дека веројатно никогаш нема да се врати на телевизија.
„Целиот живот работев напорно и правев нешто важно, а овие луѓе не изгледаат, не зборуваат и не се однесуваат како мене. Нека ми се симнат од грб“, изјави таа.
Во меѓувреме, адвокатите на нејзината старателка Мориси излегоа со став дека изјавите на Вилијамс се „неточни, нецелосни или погрешно претставени“, но не дадоа конкретни детали за нејзината здравствена состојба и способност за самостојно носење одлуки.