Прва седница на техничка влада/ Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Велковски отсутен, но Тошковски го ислуша Џафери и на албански на првата владина седница

 Техничкиот премиер Талат Џафери седницата ја отвори на албански јазик и, иако напомена дека нема потреба од превод бидејќи истото ќе го повтори и на македонски јазик, сепак, неговиот говор одеше со превод на македонски како што предвидува законот.

Без министерот за труд и социјала Ѓоко Велковски, но со Панче Тошковски, двајцата министри од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, помина првата конститутивна седница на преодната влада со која раководеше техничкиот премиер Талат Џафери.

Велковски за „Слободен печат“ изјави дека не ја бојкотирал работата на конститутивната и работната седница на Владата, туку не се појавил бидејќи веќе имал закажана активност во Куманово. Тошковски, пак, ни изјави дека ќе присуствува на седниците на техничката влада кога ќе процени дека неговото присуство е во интерес на граѓаните.

Џафери седницата ја отвори на албански јазик и, иако напомена дека нема потреба од превод бидејќи истото ќе го повтори и на македонски јазик, сепак, неговиот говор одеше со превод на македонски како што предвидува законот.
Џафери на министрите им го честита изборот и им посака заедничка успешна работа.

– Пред нас е една клучна задача, а тоа е подготовка и организирање слободни, фер и демократски редовни избори во директна, отворена и законска процедура. За таа задача имаме обврска да соработуваме со Собранието и со Државната изборна комисија и со Мисијата на ОБСЕ и ОДИХР, но и со ЕУ и САД како наши стратешки партнери, со цел да обезбедиме највисоки европски стандарди во процесот, во изборната кампања и на самите избори, со целосен фокус на создавање услови во кои граѓаните на изборите јасно ќе ја изразат својата волја. Тука сме да обезбедиме и редовно функционирање на институциите, соработка и инклузивност во работата. Од Влада очекувам ефикасност и да е во функција на граѓаните, да е транспарентна и отчетна. Очекувам дека сите членови на Владата ќе го вложат цело свое искуство, дека посветено ќе работат во полза на граѓаните и дека сите предизвици ќе ги надминеме заедно и професионално – им се обрати Џафери на министрите.

Талат Џафери Фото: Влада

На конститутивната седница на Владата, Џафери ги определил вицепремиерите. Според коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, бидејќи Џафери е технички премиер, прв вицепремиер сега е Бојан Маричиќ, додека вицепремиер за политички систем е Артан Груби. Вицепремиери и во техничката влада остануваат Фатмир Битиќи (за економски прашања) и Славица Грковска (за политики на добро владеење).

Тошковски ќе постапува според приоритетите на граѓаните

Панче Тошковски, технички министер за внатрешни работи, кој присуствуваше на седницата, вчера за „Слободен печат“ изјави дека ќе постапува според приоритетите на граѓаните.

– Доколку е приоритет да се оди на седница на Владата, нормално дека ќе одам, доколку е приоритет да се работи во рамките на Министерството, нормално дека ќе работам во рамките на просториите на Министерството, ако е приоритет да се работи на терен со граѓаните, нормално е дека ќе бидам на терен со граѓаните. Сè што е приоритет на граѓаните на Македонија е и мој приоритет – ни изјави Тошковски.

Панче Тошковски, технички министер, Фото: Фејсбук Тошковски

Министерот Ѓоко Велковски, пак, вели дека не ја бојкотирал владината седница, туку дека било доцна да ја смени веќе закажаната агенда.

– Доцна ја добив поканата за конститутивната седница на Владата и бидејќи веќе имав договорена средба во Куманово, не можев да стасам на седницата. Во Куманово, на социјално загрозено семејство беше договорено да му дадеме социјален пакет. На работниот дел од владината седница не отидов, бидејќи на дневен ред немаше точки од ресорот труд и социјала, но на седницата присуствуваше заменик-министерот Енвер Хусеин – ни изјави Велковски.

Ѓоко Велковски, Фото: Фејсбук Велковски

Ковачевски две години има право на обезбедување и на службено возило

На седницата беше усвоена Информацијата за потребата од донесување одлука за остварување на правото на користење службено возило на експремиерот Димитар Ковачевски.

„Претседателот на Владата на кој му престанала функцијата има право на лично обезбедување од шест лица вработени во организациската единица за обезбедување лица и објекти во Министерството за внатрешни работи, како и право на користење службено возило и возач. Лицата од ставот 1 на овој член се избираат од страна на претседателот на Владата кому му престанала функцијата. Претседателот на Владата на кој му престанала функцијата, правото од ставот 1 на овој член го остварува во период ист со периодот на времетраењето на извршувањето на функцијата претседател на Владата и почнува да го остварува од денот по престанување на функцијата. Претседателот на Владата кој ја вршел функцијата пократко од една година, правото од ставот 1 на овој член го остварува во период од една година од денот по престанување на функцијата“, пишува во Законот за Влада.

Ковачевски премиерската функција ја извршуваше две години, што значи дека две години има право на обезбедување и на службено возило и возач.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот