
Вардар и „Новоматик“ потпишаа договор вреден еден милион евра
На официјална прес-конференција денеска Вардар го потврди новиот спонзор, компанијата „Новоматик Македонија“.
Препорачано
Претседателот Милорад Миленковски и првиот човек на компанијата, Александар Симовиќ потпишаа договор за соработка од една година и најавија успеси на Вардар.
„Ова за нас е посебен момент и свечен чин кој предизвикува возбуда. Целиот наш труд заедно со поддршката која ја добивме, наиде на препознавање. Горд сум дека нашата енергија е препознаена и Вардар добива нова светла иднина. Потпишуваме договор за генерално спонзорство и сме горди за тоа. Токму таков поттик ни беше потребен, да влезе во нашиот клуб и да најави дека други компании ќе ја следат. Преку духот кој го има компанијата, ни дава посебен мотив на стартот на сезоната. Утре одиме на подготовки, а се надеваме дека ќе успееме да направиме успех во новата сезона.
Пред четири години, кога се случија промените, бевме максимално вклучени во проектот. На крајот се покажа дека тоа беше вистински потег. Ова е заедничка победа, на компанијата и на Вардар, но и на народот. Благодарност до сите кои ја препознаа и поддржаа енергијата во изминатите години. Вардар повторно се враќа на големата сцена, се надеваме дека повторно ќе биде најголем амбасадор застапувајќи ја државата и надвор од границите на Македонија. Ова е голема победа за нас. По сите подеми и падови, ова е награда за трудот за сè досега“, изјави Миленковски.
Марија Митреска, претставничката на „Новоматик“ откри и дека станува збор за буџет од еден милион евра.
„Во името на „Новоматик“ Македонија, одлучивме со финансиска поддршка од еден милион евра годишно да го поддржиме Вардар за враќањето на победничките патеки. Со ова продолжува нашата поддршка кон спортот, но и самата економија на Македонија“, изјави Митреска.