Вакцинација /фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Вакцината за возрасни против пертусис ја примиле само три бремени жени во земјава

Откако во земјава пристигна вакцината против голема кашлица наменета за возрасни, „Слободен печат“ се обрати во Министерството за здравство со прашање каков е одзивот за примањето на Ди Те Пер вакцината кај возрасната популација. Комисијата за заштита на населението од заразни болести ја препорача оваа вакцина за бремените жени во третиот триместар.

Досега само три бремени жени ја примиле вакцината против голема кашлица за возрасни, одговорија од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Вакцината е достапна на вакциналните пунктови, меѓутоа нема голем интерес. Првично беше најавено дека треба да ја примат оние семејства кои што имаат бебе, со цел да се заштити имунитетот на бебињата во периодот кога се премногу мали за да бидат вакцинирани. Но, потоа препораката се промени и сега тие се препорачуваат само за бремените жени во последните три месеци од бременоста. Вакцините против пертусис за возрасни кои пристигнаа во државата се од францускиот производител „Санофи Пастер“.

Инаку, освен во Скопје, епидемија на голема кашлица неодамна беше прогласена и на територијата на Куманово. Таму беа регистрирани 23 заболени, од кои пет лица завршиле со хоспитализација. Сите случаи се лабораториски потврдени, а најголемиот дел до нив се деца на возраст од една до четири години. Вакцината за деца против голема кашлица се прима на два, четири, шест, осумнаесет месеци и на седум години.

Комисијата за заразни болести денеска одржува редовен состанок каде ќе се дискутира за актуелната епидемиолошка состојба во Македонија.

Последниот извештај на Институтот за јавно здравје заклучно со 21 март покажува дека на територијата на државата има вкупно 287 регистрирани случаи на голема кашлица. Од нив, мнозинството се во Скопје, а потоа следува градот Куманово. Повеќето од половината од овие случаи не се вакцинирани или пак имаат пропуштено доза согласно Календарот за задолжителна имунизација.

Вакцината против голема кашлица е задолжителна за децата, но сепак, по прогласувањето на епидемија во Скопје, инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат утврдија дека половината од децата се невакцинирани или пак им фали некоја доза. Поради засилувањето на контролите, но и мерката во градинка да не се примаат деца кои не се редовно вакцинирани со Ди Те Пер, вакциналниот опфат се зголеми.

Условот детето да биде примено во градинка е да е вакцинирано согласно календарот за имунизација, или пак, доколку му недостига ревакцината која се прима на 18 месеци, тогаш да може да оди во градинка под услов ревакцината да му е закажана. Податоците од Здравствен дом Скопје првично покажаа дека имало дури 15.067 деца кои пропуштиле вакцинација. Од нив после прогласувањето на епидемијата, од јануари до март, вакцинирани се 8.243 деца. Од нив најголем процент примиле прва ревакцина.

Претседателот на Комисијата за заразни болести професор доктор Александар Петличковски пред неколку недели посочи дека возрасните луѓе во нормални околности не мора да примаат засилувачки дози (бустери) против пертусис, но оние кои живеат во заедница со мали деца под една година треба да бидат заштитени со дополнителна доза за да не ја пренесат болеста врз бебињата. Доколку возрасни во вакви околности дојдат на вакциналните пунктови, нема да бидат одбиени да добијат засилувачка доза „ди те пер“ вакцина.

-Поентата на вакцинирањето е да се преброди критичниот период за оваа болест. Вакцините обезбедуваат имунитет кој трае меѓу 5 и 10 години и е многу солиден, истакна доктор Петличковски.

Комисијата за заразни болести предупреди дека се очекува големата кашлица се почесто да биде детектирана кај возрасните, но дека сепак најголема грижа е да се заштитат децата под 1 година кои се најзасегнати. Исто така, оттаму алармираа децата да се имунизираат и со МРП вакцина, затоа што во регионот има епидемија на морбили. Здравствените власти предупредуваат на катастрофалните последици по здравствениот систем во случај во земјава повторно да има епидемија на морбили како што имаше во 2019 година кога починаа четири новороденчиња. Затоа, тие апелираат родителите да ги вакцинираат своите деца и да ги заштитат од болести кои се вакцинопревентабилни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот