
„Вагнер“ никогаш не бил во Србија и нема врска со неа, тврди Пригожин
Руската платеничка паравоена група „Вагнер“ никогаш не била во Србија и немала никакви контакти со Србија, изјави денеска нејзиниот основач и близок соработник на претседателот Владимир Путин, Евгениј Пригожин.
Препорачано
„Во моментов во приватната воена компанија „Вагнер“ нема ниту еден српски државјанин, а така е одамна. Затоа, сите гласини кои кружат за интеракцијата меѓу групацијата „Вагнер“ и Србија немаат основа“, напиша Пригожин на социјалните мрежи.
Во врска со наводите на косовските власти дека членовите на платеничката група неодамна биле присутни на северот на Косово, додека биле подигнати барикади, Пригожин рече дека „Србите многу добро самите се справуваат со своите проблеми“, пренесува руската државна агенција РИА Новости.
Во ноември се појавија информации дека двајца српски десничарски активисти, водачот на групата „Народна патрола“ Дамњан Кнежевиќ и нејзиниот член Зоран Лекиќ, на крајот на минатата година го посетиле центарот на компанијата „Вагнер“ во Санкт Петербург, по што и во медиумите се појавија наводи за присуство на членовите на „Вагнер“ на северот на Косово.
Српскиот сервис на рускиот државен медиум „Раша Тудеј“, кој неодамна започна со работа во земјата, пред две недели објави оглас на Вагнер групата за регрутирање доброволци за руската војна против Украина.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека рекламата на групата „Вагнер“ е „нефер“ и дека законот им забранува на српските државјани да одат на странски боишта. Наспроти ова, вчера руските пропагандни канали на Телеграм објавија интервју со српски доброволци во Запорожје, а се проценува дека стотици луѓе од земјата се на боиштата во Украина. Според западните медиуми и набљудувачи, прикажаните српски борци во Запорожје се платеници.
Според Кривичниот законик на Србија, учеството на српски државјани на странски боишта се казнува со затворска казна од шест месеци до пет години. Доколку поединец учествува во вооружен конфликт во странство како дел од група, му се заканува затворска казна од една до осум години. Организирањето на ваквото учество се казнува со затворска казна од две до десет години.