
Утринава хаусмајстор падна од скала во градинката „11 Октомври“ – пренесен во Ургентен центар
Утринава додека менувал сијалици во објект на градинката „11 Октомври“ во Бутел, хаусмајстор паднал од скала и итно бил пренесен на Ургентниот оддел во Клинички центар „Мајка Тереза“ со екипа на итната медицинска помош, тврдат за „Слободен печат“ вработени во градинката. Тие велат дека човекот бил повозрасен и воопшто не бил способен да ја изведува оваа работна задача и дури и имал решение за инвалидитет и дека требало да биде преместен на друго работно место. Решението од 2005 година наваму не му било спроведено.
Препорачано
„Слободен печат“ стапи во контакт со директорката на градинката Мими Зашовска. Таа вели дека не можела да му го спроведе решението на работникот за распределба на друго работно место поради инвалидитет, поради тоа што тоа решение било од поранешна Југославија. Но, решението е од 2005 година, издадено во независна Македонија.
Директорката Зашовска за „Слободен печат“ изјави дека работникот требало да биде на боледување и дека своеволно се вратил во градинката да менува сијалици без да добие наредба за тоа од било кого и без да се најави кај раководителката.
Блиските на повредениот работник за „Слободен печат“ тврдат дека ова е невистина, бидејќи работникот имал седумдневно боледување одобрено од лекар што значело дека денеска требало да се појави на работното место.
-Во 10 за 8 утринава дошол на работа и паднал од скала. Своеволно ги изведувал тие работни задачи јас не ни знаев дека е вратен од боледување, не се ни најавил кај раководителката. Што се однесува на решението за инвалидитет не е дека не сакам да го прераспределам, туку не можам да постапувам по решение од 2005 година, од бивша Југославија, изјави за „Слободен печат“ директорката Зашовска.
Таа додаде дека дошла и трудова инспекција неодамна и оттаму констатирале дека тој документ од 2005 година требало да се обнови. Но, блиските на работникот тврдат дека документот е со трајна валидност, односно доживотна, а ниеден од директорите досега не сакал да го спроведе.
Инаку се работи за возрасен човек, со бројни повреди на карлицата здобиени од сообраќајна несреќа, како и повреди на ногата.
Во оваа градинка неодамна и самиот педагог го отпиша своето дете кое е на аутистичниот спектар, поради незадоволство од третманот.