Утре протест за убиството на Росица: „Ниту една повеќе!“

Група активистки за родова еднаквост, по свирепото убиство на младата Росица од Велес, повикуваат на протест за утре пред МВР во 17:30 и блокада во паркот „Жена-борец“ во 18:00 часот поради, како што велат, „колективниот крах на системот и игнорантниот однос на надлежните, полицијата, обвинителството и судовите кои дозволуваат да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди и покрај пријавувањето и повиците за помош и заштита“.

– Фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство растат низ годините, а последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски (а со тоа и целото општество) кога полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа нема да постапат соодветно на протоколите за заштита и законите.

Дополнително, покрај сериозната некоординираност и затајувањето на институциите надлежни за справување со насилството врз жените, кон фемицидите придонесува и молкот, родовите стереотипи и дискриминацијата, стигмата, срамот и немањето чувство за колективна одговорност. Вртење на главата на страна кога сме сведоци на насилство и ставот дека „тоа не е наша работа“ се уште еден показател за тоа колку сите придонесуваме насилството не само да се случува постојано, туку и да ескалира, а насилниците да продолжат да живеат слободно и да просперираат – се вели во повикот од неколку невладини организации, меѓу кои активисти од „Медуза“, „Реактор“, „Стела“, „Хера“, „Хелсиншки“.

Според последните податоци, само во последните пет години имало најмалку 20 жени убиени како кулминација на повторени епизоди на родово базирано насилство.

– Во ваква средина, секоја жена што во моментов се соочува со вознемирување, насилство, закани и/или демнење го носи ризикот да стане жртва на фемицид доколку институциите не постапат навремено во нејзин интерес и заштита. Во 2023 година, С. Македонија ги измени одредбите на Кривичниот законик и за прв пат конкретно ги дефинираше и криминализираше фемицидот, осакатувањето на женските гениталии, прогонувањето и сексуалното вознемирување. Овие измени беа поздравени како чекор напред во регионалните напори за препознавање на фемицидот, при што С. Македонија стана првата држава во Западен Балкан што го криминализира фемицидот и воведе нови кривични дела поврзани со родово базирано насилство. Сепак, најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите и поддршка од заедницата – се вели во повикот.

Поранешниот парнер од Скопје во понеделникот поладне ја уби Росица и нејзиниот татко во семејната куќа и се самоуби.

ОЈО за злосторството во Велес: Убиецот не боледувал од душевна болест, бил пресметлив и имал забрана за приближување до жртвата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот