
Уставниот суд ќе пресече дали може со средно верско да се запише световен факултет
Уставниот суд ќе оценува дали е уставно учениците што го завршиле православното богословско училиште или средното исламско училиште во Македонија да полагаат државна матура и да го продолжат образованието на факултети што не се верски. Мрежата за заштита од дискриминација ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на законот кој неодамна беше изгласан во Собранието, потврди за „Слободен печат“ извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со законот им се дозволи на учениците што од септември ќе се запишат во средното богословско училиште и во средното исламско училиште – да полагаат државна матура и подоцна да се запишат на факултет што не мора да биде теолошки.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за „Слободен печат“ вели дека Мрежата за заштита од дискриминација законот го смета за противуставен, правно неусогласен и за обид за поткопување на секуларноста на државата.
– Предлог-законот е спротивен на Уставот и на Законот за средно образование. Точно е дека во членот 19 од Уставот е наведено правото на верските заедници да основаат верски училишта, но овие училишта мора да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип. Законот за правна положба на црквата, верската заедница и религиозната група дозволува основање на верски образовни установи со исклучок на основното образование, но исклучиво за школување на верски лица. Си постои специјален закон за луѓе што сакаат понатаму да бидат свештеници. Овој закон не може понатаму да биде дерогиран со нов закон и поради тоа не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта – изјави за „Слободен печат“ Пировска.
Притоа таа потсети дека Уставниот суд со одлука објавена на 29 мај 2024 година укажа дека системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност, односно на одвоеност на државата и верата.
– Притоа многу е јасно направена разликата во Законот за средното образование. Законодавецот утврдил дека постои разлика меѓу редовното и специјализираното образование, каде што второто е само за задоволување на внатрешните потреби на верските заедници. При што, Законот за средно образование во членот 7 изрично забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување на верски обележја во средните училишта – вели Пировска.
Според неа, има и други работи што се спорни во овој закон, а меѓу нив го наведува тоа што во него не постои одредба која ќе предвиди кои се механизмите за надзор, санкции или контрола. За неа е комплетна контрадикција тоа што од една страна се бара засебност и автономија на верските училишта, а од друга страна се бара тие да се изедначени во однос на правата на учениците. И ова, според директорката на Хелсиншкиот Комитет за човекови права е неизводливо.
– Кој ќе следи како се почитуваат одредбите на овој закон и кој ќе утврдува мерки ако се прекршат одредбите? За финансискиот момент – им се дава можност на верските заедници да добиваат пари од државниот буџет, а контролата врз парите да ја имаат самите верски заедници. Каде е тука контролата од државата? Сите одредби што ви ги кажав отвораат широк простор за злоупотреби, нерамноправност и институционална дискриминација. Настрашно е што со овој предлог-закон буквално се поткопува уставниот поредок и карактерот на нашата држава се менува со закон, што е незамисливо. Македонија е секуларна држава и мора да има одвоеност на црквата од државата. Со оглед на тоа што предлог-законот помина во Собрание, ќе поднесеме иницијатива до Уставниот суд – изјави Пировска за „Слободен печат“.
Законот со кој учениците од верските заедници ќе можат да полагаат државна матура и да се запишуваат на универзитетите, исто како и останатите ученици, беше образложен од претставниците на предлагачот – министерката за образование Весна Јаневска и заменик министерот за образование Лулзим Алиу.
„Целта на овој закон е да се обезбеди најдобриот интерес на учениците запишани во богословското училиште Скопје и во средното теолошко училиште „Иса Бег“, преку создавање законска можност за полагање на државна матура согласно со Законот за средно образование и Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит. Со тоа им се овозможува непречено продолжување на нивното образование на универзитетите“, се наведува во образложението.
Политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат спротиставени ставови за законот. За СДСМ со законот се крши уставниот принцип на секуларност. За ВМРО-ДПМНЕ законот само воспоставува еднаквост за учениците што се запишани во верските средни училишта, односно се изедначуваат нивните права со правата на останатите ученици во другите училишта.
Па така, доколку ученик од средно верско училиште сака да се запише на факултет кој е надвор од областа која ја изучувал во средното образование, наместо училишна, потребно е да одбере државна матура, на која ќе треба да го полага соодветниот предмет. Тоа значи дека треба да се подготви за полагањето, да го совлада материјалот по тој предмет, образложија од ВМРО-ДПМНЕ.
Долгогодишниот, а сега пензиониран професор по социологија Илија Ацески за „Слободен печат“ вели дека ако законот се гледа од чисто формален аспект, тој може и да наликува на закон, без проблем. Но, осврнувајќи се на содржината и суштината на образованието во средните училишта, тој вели дека карактерот на верското и карактерот на световното образование се разликуваат.
– Го анализирам суштинскиот аспект. Ако дете на 13 години, го насочувате да работи нешто многу поразлично од световна институција и го образувате да биде свештеник на пример, а потоа го менува правецот и оди во друга насока на факултет, тогаш кај голем дел од овие ученици ќе се создаде голема траума во нивниот живот затоа што религискиот и световниот свет се разликуваат. Особено во социјалните науки. Да претпоставиме дека се работи за развиен интелект, кој има многу знаење и може да ги надмине тие дилеми. Тогаш ќе биде во ред. Но ако не може, кај тие луѓе секогаш кога ќе дојдат во допир со другата стварност се создаваат големи проблеми, – изјави професор Ацески за „Слободен печат“.
Тој ни рече дека Македонија е религиски поделена, а религискиот верски елемент е составен дел од различни етнички групи за кои има дилема дали ваквиот процес на образование ќе формира личности што ќе ја амортизираат таа поделба врз верска основа.
– Ако таа се продлабочува понатаму тоа е голем проблем – вели Ацески.
Според него, македонскиот образовен систем, особено во средното образование, нема доволен капацитет да го амортизира тоа двојство на погледите кај децата, во смисла дека религиското објаснување на светот и другото – се разликуваат.
– Во западниот свет има искуство, но таму најголем дел од децата припаѓаат на една вера. Но ние сме длабоко поделено општество. Тоа мора да го знаат законодавците инаку ќе направат голема штета. Универзитетите може да направат така и да примаат студенти без разлика што завршило детето во средно училиште, но тоа повеќе наликува на формална бизнис-состојба, дека немаме студенти и ќе ги примиме сите да студираат и ќе бараме од државата пари за да постоиме. Тие се главните дилеми што ги чувствувам – вели професор Ацески.
Професорката Мирјана Најчевска смета дека законот за установи за средно образование на верските заедници е неуставен, противречен на другите закони и бесмислен.
– Со овој закон се изедначуваат баби и жаби и според мене овој закон личи на продукт од вкрстување на Мики Маус и Салвадор Дали. Спротивно на Уставот според кој „Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата“ со овој закон се воспоставува директна врска меѓу државата и верските заедници (како со тоа што установите за верско образование стануваат дел од државно регулираниот систем на образование, така и со тоа што им се дозволува да влегуваат во овој систем со програми и планови за образование кои ги формулира и одобрува основачот на верската заедница) – вели Најчевска.
Таа смета дека спротивно на Уставот е издвојувањето на две религии како можни носители на образовен процес и дека доколку обуката во верското училиште се прифати како рамноправна со онаа во средните училишта, тоа ќе значи дека дејноста во верското училиште се врши како јавна служба што е повторно спротивно на Уставот.
Најчевска анализира дека учениците во верските училишта ќе учат според програми кои се надвор од системот на образование во кој учат останатите ученици и кои се одобруваат од „некаков основач“ а не од соодветните институции во државата, со што се врши упад во образовниот систем и се овозможува внесување елементи кои се надвор од Уставот, ратификуваните меѓународни договори и останатите закони.