
Успесите и кариерата на Дарко Панчев ќе бидат претставени во игран филм
Легендарниот Дарко Панчев по автобиографијата, сега ќе добие и свој игран филм. Како што објави МИА, проектот ќе ја претстави животната и спортската приказна на голгетерот што одбележа една златна ера во редовите на Црвена Зевзда.
Препорачано
Филмот ќе се реализира во продукција на „Петровски Брадрс“, а режисер ќе биде Зоран Петровски, автор со меѓународна кариера кој последните две децении работи во Бугарија на високобуџетни продукции и телевизиски реклами. Сценариото е доверено на Ѓорѓе Милиќевиќ, сценарист со потекло од Србија, но со богата професионална биографија од Њујорк и Лос Анџелес, а јавноста го познава како еден од авторите на култниот фудбалски филм „Бегство кон победа“ со Силвестер Сталоне.
„Во филмот ќе бидат прикажани сите најинтересни моменти од неговата кариера, но и од животот, неговите лични борби, успеси и падови. Самата филмска приказна треба да ја заинтересира пошироката публика, а не само пасионираните љубители на фудбалот“, пишува МИА.
Самиот Панчев стои зад проектот и го поздравува пристапот на тимот што стои зад продукцијата.
„Мене ми се допадна идејата, ја прифатив и дадов максимална поддршка. Секоја спортска приказна е убава приказна и се надевам дека филмот ќе биде направен како што треба и ќе биде интересен за гледачите. Јас од моја страна колку можам да помогнам во реализација на филмот, сигурно дека ќе се потрудам да помогнам. Екипата е одлична и тоа е гаранција дека филмот ќе биде добар“, изјавил поранешниот македонски голгетер за МИА.
Филмот за поранешниот македонски голгетер се очекува да биде повеќе од спортска драма, да ја пренесе емоцијата на едно време, една борба, една кариера што засекогаш остана запишана во историјата на фудбалот во регионот.