
Успешен старт на македонската тенисерка Ѓорческа во грчкиот Ираклион
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа (трета носителка) со триумф го стартуваше фјучрсот во грчкиот град Ираклион на Крит. Турнирот се игра за награден фонд од 40.000 долари. Ѓорческа во првото коло ја победи квалификантката од Германија, Ана Габриќ со 2:1 во сетови 2:6, 6:2, 7:5 во меч што траеше два часа и шест минути.
Препорачано
Двете тенисерки мечот го завршија со по пет двојни сервис грешки, а Ѓорческа го имаше единствениот ас во мечот. Нашата тенисерка имаше подобар процент на искористени брејк топки 7/9, а притоа успеа и да спаси осум брејк топки и ривалката мечот го заврши со 6/14. Македонската тенисерка освои и три поени повеќе 85:82.
Првиот сет почна со водството на Ѓорческа од 1:0 и 2:1 во гемови, но следните пет ѝ припаднаа на Германката Габриќ, која успеа да го добие сетот со 6:2. Во тие пет гема Ѓорческа освои само осум поени. Но, сосема спротивна слика на стартот од вториот сет. Македонката поведе со 5:0 во гемови и во овие пет гема загуби само седум поени. На крајот од сетот резултатот беше 6:2 за нашата најдобра тенисерка.
Во решавачкиот сет Ѓорческа поведе со 2:0, но следуваше изедначување на 2:2 и потоа 3:3 и 4:4, па Габриќ поведе со 5:4. Во следните три гема македонската тенисерка на противничката ѝ препушти само шест поени и при резултат од 6:5 во гемови успеа да спаси две топки за тај брејк во решавачкиот сет.
В четврток во второто коло Ѓорческа ќе игра против Андреа Лазаро Гарсија (Шпанија, 29 години, 401 место ВТА) која со 7:5 и 6:3 ја победи Елени Кристофи од Грција.