„Усје“ ги отфрла тврдењата на ЗХГ: Работиме според закон и еколошки стандарди, резултатите од мерењата се јавни

Од Цементарица „Усје“, целосно ги отфрлаат тврдењата на „Зелен хуман град“ како неосновани и сметаат дека изнесувањето неточни и паушални тврдења, не е во интерес на граѓаните и подобрувањето на квалитетот на живот, но служи за стекнување на политички интереси на поединци. Според „Усје“ тврдењата на ЗХГ не се во корелација со законската регулатива, ниту пак со најдобрите практики во областа кои веќе со децении се применуваат во Европската унија и другите развиени земји.

Оттаму потенцираат дека вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари годинава, во присуство и на инспектори од Град Скопје, потврдила дека емисиите од производниот процес во Цементарница се пониски од дозволените гранични вредности.

Производниот процес во Цементарница „Усје“ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат. На сите релевантни експерти и познавачи на оваа област, овие резултати јасно им укажуваат дека работењето на „Усје“ е согласно пропишаните параметри и нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Согласно А – Интегрираната дозвола „Усје“ има обврска да известува за емисиите еднаш месечно. И покрај тоа, имајќи го предвид јавниот интерес „Усје“, самоиницијативно, последните неколку години, еднаш неделно ги испраќа резултатите од мерењата од средно-дневните емисии од производниот процес до медиумите. Истите ги објавуваме и на веб страница на компанијата и се на увид на било која заинтересирана страна – соопштуваат од Цементарницата.

Како што наведуваат, во „Усје“ постои независен 24-часовен мониторинг од германскиот производител SICK, кој е калибриран и контролиран од независни, овластени и акредитирани надворешни компании, кој континуирано ги мери емисиите, па оттука независно од тоа дали контролата на надлежните служби е најавена или ненајавена, тоа не влијае на резултатите.

Имајќи превид дека ваша декларирана цел е подигнување на квалитетот на животот, по теркот на развиените градови во Европската Унија, ве упатуваме да ја погледнете регулативата во Унијата, која користењето на алтернативните (нефосилни) горива во одредени индустрии меѓу кои и цементната, е задолжително, а не прашање на избор, во изминатите неколку децении. Резултатот од тоа е почисти градови, помалку отпад на депонии, зачувување на природните лимитирани количини на фосилни горива, како и намалени CO2 емисии – му посочуваат од Цементарница на „Зелен хуман град“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот