Сашо Мијалков / Фото: EPA-EFE

Уште едно дело на Мијалков „ситно брои“ до застарување, судска грешка по 43 дена ја врати пресудата во Кривичен

Поради административна грешка, пресудата за случајот „Титаник 2“, која 43 дена „патуваше“ од Кривичен до Апелација, сега се враќа назад во првостепениот суд. Причината е тоа што Кривичниот суд предвреме го пратил предметот и не го почекал рокот од 15 дена во кој обвинетите, меѓу кои се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, може да поднесат жалби, објави „Макфакс“.

„Последната достава на првостепената пресуда е со прием од обвинет на 2.3.2023 година, што значи рокот за поднесување жалба почнал да тече на 3.3.2023 година и рокот во кој обвинетиот може да го искористи правото на жалба истекува на 17.3.2023 година“, велат од Апелација и додаваат: „Првостепениот суд не го чекал рокот од 15 дена за евентуално изјавена жалба и пред истекот на тој рок го доставил предметот со списите на постапување и одлучување во Апелациониот суд Скопје“.

Според законот, жалбата и одговорот на жалбата со сите списи, првостепениот суд во рок од три дена од приемот на одговорот на жалбата, односно по истекот на рокот за поднесување одговор на жалбата, мора да ги достави до второстепениот суд.

„Од наведените причини, предметот административно му е вратен на првостепениот суд, за тој да постапи и по истекот на законските рокови за изјавување жалба, односно одговор на жалба, предметот со сите списи да се достави до Апелациониот суд Скопје на одлучување во жалбена постапка“, посочуваат од Апелација.

Пресудата за ексдиректорот на УБК Мијалков и за лидерот на ДПА Тачи за предметот „Титаник 2“, „патуваше“ 43 дена од Кривичниот суд до Апелација. Сега има уште 23 дена пред и ова дело на Мијалков да му застари, а тоа е рок во кој Апелација треба да го добие предметот, да добие мислење од Вишото обвинителство – Скопје, да закаже јавна седница и да одлучи. Во спротивно, Мијалков може да се спаси од одговорност.

Тој се гони за изборни нерегуларности на изборите во 2013 година, дело што застарува по 10 години, односно годинава.

За овој предмет двапати се изрекува пресуда. Првата, во декември 2019 година, ја укина Апелација. Оттогаш до јануари годинава, предметот се судеше во Кривичниот суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење Мијалков беше осуден на две години затвор, исто колку што доби и лидерот на ДПА, Тачи, потсетува „Макфакс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот