Уште една тула во антисистемот

Ида Протугер-Вељковиќ

Не можеме да ги заштитиме децата од психопати, но може да почне да се гради функционален систем каде што граѓаните ќе се чувствуваат почитувани и безбедни. Одговорноста за градење функционален систем е кај секој граѓанин. Само така можеме да ги напуштиме антивредностите и да ги негуваме оние вредности на човечко достоинство, безбедност, транспарентни политики во корист на раст на земјата, наместо полнење приватни џебови, како и борба со криминалот и корупцијата.

Еден куп клетви на социјалните мрежи со кои гневот се „канализира“ со барање смртна казна, како да тоа насилство врз насилство ќе ја врати Вања. Па, совети до државата да се затворат коцкарници…

Ова монструозно убиство е производ на антисистемот што се гради со децении и во кое не учествуваат само насилниците. Тоа, исто така, не е само систем на антивредности, туку антисистем на нефункционални институции што одамна ја изгубиле комуникацијата со граѓаните и чувството на одговорност дека ним, а не на партиите, треба да им обезбедат функционален живот и отчет. Антисистем што продуцира антихерои и им дава ветер в грб на криминалците што неказнети и осилени се претвораат во монструми.
Но, кога ќе дадеш глас на избори за партија, бидејќи ти ветила вработување, тоа е тула кон градење на тој антисистем. Кога ќе речеш „имам мој човек таму и таму“ е уште една тула во градење на тој антисистем. Кога ќе бараш врски за да не платиш казна или да се олесни казната и да не ти одговара детето што згазило пешаци, кога сакаш да направиш партија што ќе одлее гласови од твојот политички противник (таква новоформирана квазипартија ја прави кој ако не криминалци и подлеци), тоа уште како е одговорност во градење на тој антисистем.

И тука, во Виена, пред неколку години се случи грозоморно убиство на дете. Изолиран чин, во кој соседот на детето бил лице со психичко нарушување. Полицијата беше во постојана комуникација со граѓаните, дури и кога велеше дека не смее да оддава повеќе информации поради сензитивноста. Но тоа го кажуваше јавно, со почит кон јавниот интерес, а не со понижувачко соопштение и да ја оставиш јавноста на полуинформации од проблематични извори на информирање во крајна вознемиреност цела ноќ.

Секоја чест на МВР и ОЈО за решавање на случајот, но одговорноста не завршува со преземените дејства, туку и со постојана комуникација со јавноста која заслужува да знае што е преземено од институцијата што треба да го гарантира нивниот мир и безбедност.
Ова е трагедија. Свирепо убиство што тешко е нечиј мозок да замисли дека не е еден психопат, туку повеќе луѓе биле ОК со тоа да се убие невино дете и уште еден човек за долг од 500 евра. Но можеби е аларм за сите дека системот на „имам свој човек таму“, судија што ќе ја „среди работата“, партија како грб, глас во замена за работно место се тула по тула во градбата на тој антисистем што генерира слаби институции, небезбедни граѓани и квазилидерство кое генерира антивредности.

Криминалец и пробисвет, сега монструзоен убиец кој си делува со децении во овој антисистем, со новинари како блиски пријатели и на времето (засега нема инфо) партија како грб си е производ на тој антисистем.
Не можеме да ги заштитиме децата од психопати, но може да почне да се гради функционален систем каде што граѓаните ќе се чувствуваат почитувано и безбедно. И одговорноста за градење на функционален систем е кај секој граѓанин. Само така можеме да ги напуштиме антивредностите и да ги негуваме оние вредности на човечко достоинство, безбедност, транспарентни политики во корист на раст на земјата наместо полнење приватни џебови, како и борба со криминалот и корупцијата.

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот