
Уредничката на „Дејли Телеграф“: Кралот Чарлс боледува од неизлечлив рак, но се држи под контрола
Болеста на британскиот крал Чарлс Трети, според нови извештаи, е неизлечива, но се држи под контрола со ригорозна терапија. Како што наведува уредничката на „Дејли Телеграф“, Камила Томини, 76-годишниот крал најверојатно „ќе живее со рак, но нема да умре од него“. Иако Бакингемската палата не се огласила по повод информациите, ваквите тврдења повторно ја отворија темата за здравствената состојба на монархот.
Препорачано
Според истите извештаи, кралот направил неколку значајни животни промени откако му била дијагностицирана болеста, вклучувајќи ја и одлуката никогаш да не се пресели во Бакингемската палата, што е преседан во историјата на британското кралско семејство.
Во јавноста повторно се појавуваат шпекулации за можна иднина средба и помирување меѓу кралот и неговиот отуѓен син, принцот Хари. Како потенцијален момент за тоа се споменуваат игрите Инвиктус во 2027 година, каде можно е да учествуваат и децата на Хари, Лилибет и Арчи, кои кралот не ги видел цели три години. Принцот Хари неодамна проговори за односот со татко му во интервју за Би-би-си, каде истакна дека не знае колку време му останува со него, оставајќи простор за можноста за нова фаза во нивниот однос.

Во мај годинава, кралот Чарлс за првпат отворено проговори за сопствената борба со болеста. Во Бакингемската палата тој организираше прием за претставници на организации кои се грижат за лица со рак, при што им подели брошура со лична порака во која ја опиша својата дијагноза и текот на лекувањето.
„Секоја дијагноза, секој нов случај е застрашувачко и предизвикувачко искуство, и за заболените, и за нивните блиски“, напиша кралот. „Но, како некој кој самиот се најде меѓу тие статистички бројки, можам да посведочам дека токму низ тоа искуство се открива најдоброто од човечката природа.“
Кралот Чарлс во февруари 2024 година јавно објави дека боледува од рак, но продолжи да ги извршува своите должности во рамките на можностите. Иако точниот тип и степен на болеста не се објавени, присуството на монархот на јавни настани и неговото позитивно расположение сугерираат дека терапијата има ефект.
Крунисувањето на Чарлс Трети го следеле околу 14 милиони гледачи на Би-Би-Си