
Управниот суд ја врати надлежноста за тетовската гимназија на градоначалникот Касами, „ова е триумф на образованието“, оценија градските власти
Jа добивме пресудата на Управниот суд со која се поништува решението на Министерството за образование и наука со кое беше одземена надлежноста на Градоначалникот на Општина Тетово по однос на целокупното работење на Средното општинско училиште Гимназија “Кирил Пејчиновиќ“ – Општина Тетово, соопштија од Секторот за јавни дејности при Општина Тетово на денешната прес конференција.
Препорачано
Со оваа пресуда како што соопштија од Општина Тетово судот е дециден и категоричен дека Министерството за образование и наука постапиле спротивно на Законот за средно образование и дека од страна на Министерството за образование и наука е донесено целосно неправилно и незаконито решение за одземање на надлежноста на Градоначалникот на Општина Тетово.
„Министерството за образование и наука не пристапиле воопшто кон утврдување факти и докази кои што би претставувале основа за донесување на одлуката со која на градоначалникот му се одземени надлежноста и ингеренциите по однос на Средното општинско училиште гимназијата “Кирил Пејчиновиќ. Сакаме да потенцираме дека Управниот суд ја оценувал законитоста на оспореното решение за одземените надлежности на градоначаникот на Општина Тетово и јасно и недвосмислено во својата пресуда констатирал дека Министерството за образование и наука сторило повреди на одредбите од Законот за средно образование, а фактичката состојба нецелосно и неправилно ја утврдиле на штета на Општина Тетово. Оттука, произлегува дека со пресудата на Управниот суд на градоначалникот на Општина Тетово му се враќаат надлежностите по однос на целокупното работење на Средното општинско училиште Гимназија “Кирил Пејчиновиќ“, рече раководителот на Секторот за јавни дејности-Одделение за образование, Валедин Адеми.
Оваа пресуда е победа на правдата и моќен одговор на незаконските обиди за влијание врз одлуките и работењето на образовните институции, дополнија општинските власти
„Ова е победа со која се игнорираат политичките игри кои им штетат на граѓаните.Оваа победа на правдата не е само триумф на образовните институции, туку е и моќен предизвик против политичките игри кои под какви било околности се обидоа да ја корумпираат и да влијаат на правдата и интегритетот на образовниот систем. Во овој момент сакаме да нагласиме дека не можеме да дозволиме корупцијата да помине под незаконски молк, мораме одлучно да се спротивставиме на секој обид за манипулирање и корумпирање на нашите образовни институции. Оваа победа не е само за поединец или конкретна заедница, туку за сите наши граѓани. Тоа е пример дека со силен правен систем можеме да ги заштитиме правата и интегритетот на сите наши ученици. Денеска ја повикуваме јавноста да ја поддржи оваа победа на правдата и да се вклучи во борбата против корупцијата во образованието, бидејќи чистото образование е темел на правно и развојно општество. Заедно со ова бараме од Министерството за образование и наука да ги надомести буџетските средства за периодот од јануари 2024 до јули 2024 година“, изјави раководителот на Секторот за јавни дејности-Одделение за образование, Валедин Адеми.
Гимназијата подолг период се соочува со проблеми во воспитно образовниот процес, а неодамна училишниот објект одреден период остана без струја поради неплатени сметки
Директорката на гимназијата Теута Лала пред еден месец изјави дека училиштето имало долг за струја, но кој според неа бил направен уште во времето кога Општина Тетово имала ингеренции за гимназијата.
Директорката на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ” пак пред речиси две години во тетовската полиција пријави дека две лица ја повикале во Општината и од неа барале да си поднесе оставка.