
(У)ПМ 10
Срамно е секоја година да се намалуваат буџетите за животна средина. Срамно е да не се направи ништо, да не се користат иновации, да се реагира инцидентно. Но, никој – од највисокото државно ниво до општинските администрации – никогаш не се засрамил за отровите што ги дишеме.
Два дена подврнува, уште да задува некое ветре и ќе живееме како да сме на Алпите, односно ќе дишеме чист воздух, ќе внесеме малку повеќе кислород во нашите затруени бели дробови. Навистина. Во услови кога со години наназад не се најде ниту една институција, ниту човек, што сериозно ќе се загрижи за она што постојано му се случува на Скопје и на неговите жители, зависиме само од временските услови – дали ќе врне или не, дали ќе дува или не, или пак ќе не покрие скопската магла.
Препорачано
И така – со години, со децении никој не одговара за нарушеното здравје на граѓаните. Никој. Секој гледа да си помине четири години во функционерската фотелја, а дали ќе остави нешто зад себе, нешто добро за сите граѓани, не е важно. Многу поважни се партиските пресметки, реакции на реакциите (повторно меѓупартиски), чист популизам, наместо воздух и – ќе помине мандатот. Ветар во магла. Граѓаните не се битни, ниту нивните потреби, ништо. И секој што ќе каже поинаку и ќе се фали и ќе се удира в гради дека работи во интерес на граѓаните ја замаглува вистината.
Скопје секојдневно е на срамната листа најзагадени градови во светот, во друштво на градови од Индија, Бангладеш, Пакистан…, а во Европа никој не му е рамен. Ако во нешто е „нај“ на европската почва, тоа е според загаденост. Некогаш, многу ретко, приматот му го презема Белград, ама ретко. Не се дава Скопје!
И додека болниците се полнат со пациенти, а на детската клиника и во болницата во Козле нема слободен кревет, додека расте бројот на заболени на респираторните органи, надлежните „мува не ги лази“. Буквално. Дали некој во Министерството задолжено токму за животната средина, во Владата и конечно во Град Скопје мисли дека се доволни мерките и препораките (кои патем, не се обврзувачки) што ги воведуваат само кога нивото на ПМ 10 честичките алармантно ќе се зголеми два дена по ред? А што е со другите денови кога загадувањето е критично, ама не го поминало прагот за алармирање?
Мисли ли некој нешто во оваа наша држава? Размислува ли подалекусежно отколку што дејствува според принципот – „помина луњата, е…. гуњата“, поточно дека ќе се заборави што било? Е, па, не се заборава.
Еве, на пример, лакрдијава што се случува во Град Скопје. Градоначалничкава Данела Арсовска е во тежок зимски сон, на пат е да го преспие загадувањево, со оглед на тоа што не само што ништо не презема (толку типично за неа), туку ниту една идеја не даде како би можело да се намали загадувањето на скопскиот воздух. Се подразбудува само кога треба да се потскара со вмровците и со нивниот лидер. Таа веројатно смета дека загадувањето не е нејзина работа, па нека го решава друг.
Советниците, пак, се приказна за себе. Едните, тие од СДСМ, бараат итна седница на Советот и предлагаат некои мерки за да се подобри состојбата со воздухот, а другите, ВМРО и коалицијата, велат не фала – нема потреба – нека си се договорат Арсовска и премиерот, демек во коалиција се. Како и да е, итно заседание нема на видик.
Ако на скопјани сѐ уште не им е доволно јасно, нека разберат – вонредни седници се држат само за субвенции за ЈСП, да не останат без плати луѓето. А ако граѓаните останат без здравје, никој не им е крив, нека седат дома и нека затвораат прозорци. Досега да сакаа надлежните да размислуваат за почиста иднина ќе почнеа со сериозни проекти, па чекор по чекор, година по година ќе работеа на нивно реализирање за полека да го намалуваат загадувањето. Ако не знаат како, нека видат што преземаат другите главни градови во светот. Несфатливо е неколкумилионски градови да бидат почисти од Скопје.
Значи, не е срамно да не се знае, срамно е да не се праша и да не се научи. Срамно е секоја година да се намалуваат буџетите за животна средина. Срамно е да не се користат иновации, да се реагира инцидентно… Засрамете се сите – од највисоките државни до општинските администрации.
Ако ништо повеќе, како итна мерка можеше да се воведе бесплатен превоз два-три месеци (кој и онака го плаќаат граѓаните), можеше да се воведе забрана за работа на градилиштата зимава, да се чистат депонии, да се пуштат инспекторите (колку и да ги има) деноноќно на терен да им дишат во врат на потпалувачи, да казнуваат или да затвораат фирми-загадувачи, да се реагира на пријави на граѓани. Да се казнува безмилосно. Да се воведе некој ред наместо да се подзамижува при здрави очи.
Време е надлежните да почнат да прават сѐ за иднината да не ни се урне над глава. Оти оние мали отровни ПМ 10 секаде ги има. Нѐ задушија!