Унгарија ЕУ ЕPA-EFE/NICOLAS LANDEMARD

Унгарија ја тужи ЕУ за користење на каматата од замрзнатите руски средства за помош на Украина

Унграрија покрена судска постапка против Европската Унија поради одлуката да користи милијарди евра приходи од замрзнатите руски средства за воена помош на Украина.

Тужбата, поднесена од Будимпешта, официјално беше примена од Судот на Европската Унија на 25 август.

Во центарот на спорот е одлуката на Советот на ЕУ донесена минатата година, со која се доделува воена помош на Украина преку Европскиот мировен фонд (ЕМФ), клучниот одбранбен механизам на Унијата. Со овој потег, спроведен во февруари, 99,7 отсто од каматата заработена од замрзнатите руски средства е наменета за Киев. Ова е износ што се проценува на три до пет милијарди евра годишна поддршка.

Унгарија долго време се смета за најнаклонета влада на Кремљ во рамките на ЕУ и постојано ја блокираше помошта за Украина, санкциите против Русија и преговорите за пристапување на Киев во Унијата. По почетокот на руската инвазија, западните земји имобилизираа околу 300 милијарди долари руски државни средства, од кои приближно две третини се наоѓаат во Европската Унија.

Во тужбата поднесена до Судот на Европската Унија, која подоцна беше препратена до Општиот суд, Будимпешта бара „одлуката… за распределба на износот на мерките за помош за обезбедување воена поддршка на вооружените сили на Украина да биде поништена“. Исто така, се бара „да им се наложи на обвинетите да ги платат трошоците“.

Виктор Орбан и Урсула фон дер Лајен / Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Владата на Виктор Орбан тврди дека ЕПФ го прекршил европското право со игнорирање на неговото вето, со оглед на тоа што Унгарија не е „земја-членка што придонесува“ кон инструментот. Се очекува судскиот процес да трае со години, во кој период финансирањето на Украина би можело да продолжи преку други механизми, како што е Инструментот за Украина, според „Еуроњуз“.

Ова не е прв ваков случај; Во јуни 2024 година, Унгарија поднесе слична тужба со која ја оспори одлуката на ЕПФ да ја поддржи Украина, а таа постапка е сè уште во тек.

Овој правен спор доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Киев и Будимпешта. Односите беа дополнително затегнати откако украинските беспилотни летала постојано го погодуваа рускиот нафтовод „Дружба“, што ги снабдува со нафта Унгарија и Словачка.

Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, ЕУ и земјите-членки обезбедија речиси 186 милијарди долари финансиска, воена и хуманитарна помош за Украина, вклучувајќи 12,8 милијарди долари преку ЕПФ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот