
Украинското разузнавање предупредува: Москва планира масовна мобилизација
Началникот на Главната разузнавачка управа на Украина (ХУР), Кирил Буданов, предупреди дека Русија може повторно да спроведе воена мобилизација, што претставува „сериозна закана“ за безбедноста и стабилноста во регионот. Изјавата тој ја даде во интервју за „Апостроф“, кое го пренесе „Киев Пост“.
Препорачано
Буданов потсети дека Москва веќе спроведе делумна мобилизација во 2022 година, што предизвика масовно бегство на над 261.000 граѓани од земјата. И покрај тоа, тој истакна дека Кремљ би можел повторно да се одлучи на ваков чекор:
„Дали Руската Федерација би можела да спроведе мобилизација? Да. Дали тоа може да биде сериозна закана? Да. Би било болно за Русија, но е реална. И оваа закана, за жал, постои“, рече Буданов.
Тактики за регрутирање
По непопуларната мобилизација од пред две години, претседателот Владимир Путин избегнуваше нов масовен бран. Наместо тоа, властите се потпираа на финансиски стимулации, помилувања и регрутација на затвореници. Според украинскиот Центар за национален отпор, постојат индиции дека Москва планира засилена мобилизација на привремено окупираните територии, при што таргетира регрути и притвореници.
„Протестите нема да ја запрат машината“
Буданов оцени дека јавните антивоени протести, иако присутни во 2022 година, немаат сила да ја спречат мобилизацијата.
„Негативното јавно расположение се појави тогаш, но дали тоа ќе ја запре руската машина? Не, нема“, порача тој.