Фотографија ЕПА, Маурисио Дуењас

Украина: Со касетните бомби ќе ги ослободиме нашите привремено окупирани територии

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников ја поздрави одлуката на САД да испратат касетна муниција во земјата.

Во објава на Твитер, Резников рече: „Новото оружје значително ќе ни помогне да ги деокупираме нашите територии, истовремено спасувајќи ги животите на украинските војници“.

Тој рече дека муницијата „нема да се користи на официјално признатата територија на Русија“.

„Нашиот став е едноставен – мораме да ги ослободиме нашите привремено окупирани територии и да ги спасиме животите на нашите луѓе. Украина ќе ја користи оваа муниција само за деокупација на нашите меѓународно признати територии. Оваа муниција нема да се користи на официјално признатата територија на Русија“, рече Резников.

Пентагон вчера најави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 800 милиони долари, кој меѓу другото ќе вклучува и касетна муниција. Белата куќа одржа прес-конференција за испраќањето касетна муниција во Украина пред соопштението на Пентагон.

Касетната бомба е оружје што се распрскува во воздух и испушта повеќе помали „бомби“ на широк простор. Тие можат да се користат во форма на воздушна бомба, артилериска ракета или боева глава за крстаречка ракета. Бомбите се дизајнирани да се активираат при удар со земја и многу е веројатно некој во областа да биде убиен или сериозно повреден.

Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (ОХЦХР) во Женева го осуди планот, истакнувајќи дека меѓународната Конвенција за касетна муниција се обиде да го забрани оружјето. САД, Русија и Украина не ја потпишаа конвенцијата.

– Касетната муниција расфрла мали бомби на широк простор, рече Марта Хуртадо, портпаролка на ОХЦХР.

„Тие убиваат и осакатуваат луѓе години подоцна по завршувањето на конфликтот“, нагласи таа.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се противи на употребата на касетна муниција, соопшти денеска неговиот кабинет.

Од касетните бомби кои убиваат и по неколку години НАТО не се откажува, велат дека тие се за одбрана на Украина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот