
„Указите не се за договорот со ‘Бехтел и Енка’“, вели Пендаровски, кој негира дека со потписот „лобирал“ за втор мандат
„Указите што ги потпишав не се однесуваат на договорот меѓу Владата и „Бехтел-Енка“, ниту пак се однесуваат на составот на Надзорниот одбор кој треба да ја надгледува изградбата на автопатите околу чијашто структура се појавија неколку издржани критики во јавноста“, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за „Радио Слободна Европа“.
Препорачано
Во однос на толкувањата дека со потпишувањето на указите, тој сакал да добие политичка поддршка од владејачката коалиција за втор претседателски мандат, Пендаровски е дециден дека указите се однесуваат исклучиво на содржината на петте закони и дека тоа нема никаква врска со ниту едно друго политичко или правно прашање.
Претседателот вели дека главната причина зошто го потпишал Указот за Законот за работни односи е тоа што во него не постои конкретна одредба во која се наведува 60-часовна работна недела.
– Пред пакетот закони воопшто да влезе во Парламентот, предупредив на можноста во измените на Законот за работни односи да стои одредба за 60-часовна работна недела и во таков случај сигурно немаше да го потпишам указот затоа што минатата година Уставниот суд веќе ја прогласи за неуставна таа одредба во тогашните измени на истиот закон, вели Пендаровски.