УЈП ја заврши истрагата за фантомските фирми – десетина компании ја оштетиле државата за четири милијарди денари

Целата документација е предадена на истражните органи – Јавното обвинителство и Финансиската полиција, соопшти Елена Петрова, директорка на УЈП

Управата за јавни приходи ја завршила истрагата за фирмите кои со фиктивни измами ја оштетиле државата и добиле високи суми како поврат на ДДВ од буџетот, а целата документација е предадена на истражните органи – Јавното обвинителство и Финансиската полиција, соопшти Елена Петрова, директорка на УЈП, одговарајќи на новинарски прашања на брифинг со новинарите. Според Петрова се работи за 10 компании, а сумата за неплатен данок е 4 милијарди денари.

-Нашата работа е завршена, а сега се на потег истражните органи – рече Петрова.

Да потсетиме дека фирми за кои јавноста дозна дека со фиктивни измами ја оштетиле државата и добиле високи суми како поврат на ДДВ од буџетот, за речиси истата вредност се најдоа како должници на една од листите на неплаќачи на данок што лани ја објави Управата за јавни приходи.

Директорката на УЈП рече и дека нема застој во повратот на ДДВ и досега на сметките на граѓаните се исплатени 170 милиони денари, а сите кои скенираат сметки ќе си ги добијат парите. Инаку, застојот, како што објаснија од УЈП е поради неажурирани податоци на некои граѓани кои во меѓувреме ги згаснале своите сметки, па проверката мора да биде точна и темелна.

Од УЈП додаваат и дека се расчистуваат долговите за повратот на ДДВ, за што алармираа некои компании. Како што веќе пишуваше „Слободен печат“ во октомври минатата година компаниите на големо алармираа дека со месеци чекаат поврат на ДДВ.

Стануваше збор за милионски износи кои според закон им следуват на компаниите и кои им се неопходни за редовно работење. Директорката Петрова рече дека случаите секојдневно ги расчистуваат и дека сега има многу поригорозна контрола од порано, за повторно да не се случат шеми во кои со фиктивни фактури е баран поврат на ДДВ и е оштетен буџетот.

Според претходните податоци што ги презентираше Управата за јавни приходи, во 2024 година по основ на поврат на ДДВ се доспеани 35,6 милијарди денари (речиси 579 милиони евра), а реализирано е плаќање од 34,4 милијарди денари (околу 559 милиони евра).

-Повратот на ДДВ е жива материја и секој ден едни износи доспеваат, други се враќаат, но се прават максимални напори за парите да стигнат во стопанството. Постојано се собираат податоците, некаде има исправки и сето тоа бара време и контрола – рече Петрова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот