Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани / фото: Stringer / AFP / Profimedia

УЈП ги проверува информациите за поткупени инспектори во Кочани

Управата за јавни приходи (УЈП) презема мерки по наводите дека нивни инспектори ги предупредувале газдите на дискотеката „Пулс“ во Кочани за можни контроли во замена за подароци, велат од оваа институција за „Телма“.

Ова следи по сторијата на ИРЛ во која беше објавена комуникација обезбедена од свиркач, од која се гледа како инспектори од Кочани разменувале пораки со Михајло Јованов, синот на газдата на дискотеката, Дејан Јованов-Деко. Според сторијата, еден од овие инспектори, Драган Паунов, е брат на Даниела Димовска, в.д претседателката на скопскиот Кривичен суд, каде ќе се суди случајот за „Пулс“. Од новообјавените пораки се насетуваат силни политичко-судски спреги околу случајот уште пред да почне судењето.

„Во врска со информациите објавени во медиумите, Управата за јавни приходи информира дека се преземаат соодветни активности за обезбедување на релевантни докази поврзани со објавените наводи, вклучително и можната инволвираност на споменатите даночни службеници во други слични дејствија. Истовремено, во рамките на своите законски надлежности, Управата за јавни приходи превзема мерки насочени кон овие службени лица со цел да се спречи какво било можно штетно влијание врз Управата за јавни приходи“, велат од УЈП.

Оттаму додаваат и дека УЈП „ќе соработува и делува усогласено со сите надлежни институции, со цел целосно и објективно решавање на случајот и заштита на интегритетот на институцијата“.

На прашање за наводите на ИРЛ, премиерот Христијан Мицкоски денеска вината ја префрли на Обвинителството и на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

„И токму тоа беше причината зошто поддржавме во Парламентот смена на Коцевски. А зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски, тоа е друго прашање. Така што треба, секој оној којшто, на каков било начин и во каква било форма има каква било поврзаност со тој случај да биде изведен пред лицето на правдата“, изјави Мицкоски.

А, обвинението се очекува да биде оценето до крајот на неделата, според најавите на Кривичниот суд, бидејќи до 3 октомври истекуваат законските рокови за прием и достава на приговорите. Оттаму додаваат дека процесот се одлоговлекувал бидејќи се работи за многу обвинети, а дел од нивните адвокати не биле достапни и затоа невремено не им било доставено обвинението и се одлогвлекувале роковите за приговор.

„Судот ги прави сите напори за да ги исполни Законските обврски и доследно да ги испочитува загарантираните права на странките се со цел да не се компромитира предметот во понатамошниот дел од постапката“, соопштија од Кривичниот суд.

Во случајот се обвинети 37 луѓе и фирми, кои се застапувани од 33 бранители. Не се гони ниту еден вработен во УЈП. Од Обвинителството изнесоа скандалозно објаснување дека УЈП не е опфатена со обвинението бидејќи е надлежна за контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти. Оттаму не објаснуваат зошто, во тој случај, со обвинението се опфатени и луѓе од Државниот пазарен инспекторат, кој исто така не е надлежен за безбедносни аспекти.

Во катастрофалниот пожарот во кочанската импровизирана дискотека „Пулс“, која е дивоградба и работела без дозвола, загинаа 62 млади луѓе, а околу 200 беа повредени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот