
УЕФА ги објави најскапите состави во историјата
Составот на англискиот фудбалски клуб Челси од крајот на финансиската 2024 година е најскапиот во историјата во однос на платените трансферни суми, објави Европската фудбалска асоцијација (УЕФА). Според студијата, сите играчи на „сините“ вределе вкупно 1,656 милијарда евра.
Препорачано
На второто место на рангирањето е составот на Манчестер јунајтед за 2023 година, кој ги чинеше „црвените ѓаволи“ вкупно 1,42 милијарда евра. На третото место е Реал Мадрид кој во 2020 година имаше тим на кој се потрошени вкупно 1,33 милијарда евра.
Челси има направено вкупно 41 влезен трансфер во ерата на новиот сопственик Тод Боли, кој го презеде контролниот пакет акции во 2022 година. Сепак, скапите договори не ги даваат посакуваните резултати на теренот, откако „Сините“ минатата година завршија на шестото место во Премиер лигата и моментално се петти.
Според студијата, која ги анализира водечките лиги во Европа, Реал Мадрид (1,073 милијарди евра), Манчестер сити (854 милиони), Пари Сен Жермен (771 милиони) и Баерн Минхен (765 милиони) имаат најголем промет за 2023 година. Премиер лигата има девет тима во првите 20 во оваа ранг листа со просечен промет од 35 милиони евра и вкупно 7,15 милијарди евра.
На второ место е шпанската Ла Лига со 3,7 милијарди евра, а по неа е германската Бундес лига со 3,6 милијарди. Следува италијанската Серија А со 2,9 милијарди евра и француската Лига 1 со 2,4 милијарди. Генерално, клубовите во топ 20 покажуваат финансиска стабилност, како што беа во рангирањето во 2014 година.
Англиското и германското првенство уживаат најголема посетеност и тоа се одразува на приходите од продажба на билети. За клубовите од Премиер лигата тие во просек изнесуваат 29,1 милиони евра, а за бундеслигашите 23,7 милиони евра. Арсенал со 153 милиони, Манчестер јунајтед со 129, Тотенхем со 123 и Ливерпул со 108 милиони се меѓу осумте европски клубови кои добиле повеќе од 100 милиони од билети во 2023 година.