Куќата во Прилеп каде е извршено грозоморното убиство / Фото: Слободен печат

Убиецот од Прилеп си ги убил внуците со пиштолот наследен од татко му

Злосторникот што во саботата во Прилеп го застрела својот внук и неговиот малолетен син, оружјето со кое ги извршил грозоморните убиства го наследил од неговиот татко и за него поседувал дозвола. Дозволата му била од 2012 година, а му била продолжена во 2022 година. Ова произлегува од одговорите што ги доби „Слободен печат“ од Министерството за внатрешни работи на прашањето од каде му било оружјето на шеесет и двегодишниот убиец, кој по двојното убиство се самоуби.

За Петар Ѓорѓиески, кој во Прилеп бил познат како Пеце Белото, во прилепската полиција во изминатите години немало пријава или поплака од други лица, тврдат од МВР. Тој имал само една кривична пријава во 2002 година, за предизвикување општа опасност.

-Против П.Ѓ. во евиденциите на ОВР Прилеп за изминатите години не постои пријава за кривично правен настан, дури ни поплака против него, освен една кривична пријава во 2002 година за предизвикување општа опасност, кога пукал со огнено оружје во кафеана, но делото е застарено – велат од МВР за „Слободен печат“.

Прашавме и зошто полицијата отишла во куќата дури по 21 часот.

– За делот зошто полицијата постапила по 21 часот, е тоа дека пријавата била примена во 21:20 часот и до тој момент во ОВР Прилеп не постои никаква пријава од граѓани, сведоци, очевидци и сл. – тврдат од Министерството за внатрешни работи.

Мотивот за крвавиот чин што се случи во Прилеп и кој заврши со три жртви, меѓу кои и 13-годишно дете, сè уште е во рамките на шпекулациите. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, вујкото го поканил својот внук на гости на Петровден и го убил прво внукот, па неговото дете.

– Според првичните информации и сознанија од очевидци што ги има ОВР Прилеп, меѓу 15:30 и 16 часот во непосредна близина на куќата на сега починатиот П.Ѓ. се слушнале истрели од огнено оружје (најверојатно тоа бил моментот на убиството во кое П.Ѓ. ги застрелува внукот и неговиот малолетен син), но до тој момент нема никаква пријава во ОВР Прилеп за какво било пукање на подрачјето на Прилеп. Според сознанијата до кои дојдоа полициските службеници од ОВР Прилеп, на фејсбук-профил за кој се претпоставува дека е креиран и му припаѓа на вујкото П.Ѓ. во 17:10 часот, поставен бил статус со сомнителна содржина каде што тој ја прозива својата сестра и внукот – соопшти МВР доцна попладне во неделата.

Во својот статус убиецот пишува дека неговата сестра и нејзиниот сум му зеле сè и дека не треба да си играат со човек што нема што да изгуби. Во полиција случајот го пријавила сопругата на убиениот, која не можела да ги добие на телефон сопругот и синот. Таа заминала пред куќата на вујкото, викала, но никој не се одѕвал, иако возилото на сопругот било паркирано пред куќата на вујкото. Пријавила во полиција и почнало пукање меѓу полицијата и убиецот.

– Веднаш полициски службеници се упатиле накај куќата на ул. „Стеван Апостолоски“ во Прилеп и по пристигнувањето на наведената адреса за да извршат проверка по пријавата, во домот на П.Ѓ. никој не ја отворил вратата. Веднаш било стапено во контакт со јавен обвинител, по што била издадена наредба од јавен обвинител, полициски службеници со употреба на сила да ја отворат вратата. Кога влегле во куќата, П.Ѓ. фрлил бомба кон нив, која почнала да чади, но не експлодирала. Откако полициските службеници излегле од куќата, П.Ѓ. пукал во нив, при што полициските службеници возвратиле со пукање од службено оружје кон куќата и известиле по радиоврска дека во 22:40 часот во нив е пукано од огнено оружје на ул. „Стеван Апостолоски“, за да по кратко време П.Ѓ. со огнено оружје се самоубил. На местото на настанот пристигнала екипа на Итната медицинска помош Прилеп, каде што доктор констатирал смрт како последица од огнено оружје кај П.Ч, П.Ѓ. и 13-годишен малолетник – соопшти МВР.

Во куќата биле најдени чаури од огнено оружје, како и влезно-излезни траги од проектили. Во ходникот на подот била пронајдена и една рачна бомба М93. Исто така, на влезот од собата бил пронајден пиштол калибар 9 мм и пиштол калибар 7,65 мм, документи, парични средства како и договори за имот и други документи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!