
Уапсени 13 луѓе во казина и стриптиз-барови во Тетово и Охрид, меѓу нив и полициски инспектор
Полицијата денеска претресла 17 локации во Тетово и Охрид, при што се уапсени 13 луѓе, а едно лице е во бегство – ова е исходот од денешната голема акција на полицијата во повеќе казина и стриптиз-клубови како и на други локации во Тетово и Охрид. Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција информираат дека организатор бил 35-годишен жител на тетовското село Боговиње, кој организирал и координирал повеќе криминални активности во селата Жеровјане и Горно Седларце, но и во Охрид, каде наведувал на проституција девојки – странски државјанки кои работеле како танчерки во стриптиз-клубови.
Препорачано
„Фактичкото работење на два од клубовите го организирал и раководел неговиот брат (второосомничениот), додека третиот осомничен раководел и ја организирал работата на стриптиз-клубот во Охрид. Четвртиот осомничен учествувал во наведувањето на проституција на девојките во угостителските објекти и бил задолжен за организација на нивното патување и влез во нашата земја. Петмина од приведените ги снабдувале со дрога гостите во угостителските објекти, но и девојките кои работеле таму“, велат од ОЈО ГОКК.
Според Обвинителството, дел од криминалната група биле и две службени лица – затворски службеник од Затворот во Тетово и полицаец – виш инспектор од Тетово кои користејќи ја својата позиција и контактите, ја предупредувале групата за полициски акции, а вршеле влијание и за олеснување на прекршочните постапки кон групата и кон странските државјанки.
Против сите осомничени е поведена истрага за делата злосторничко здружување и посредување во вршење проституција. На тројца од осомничените товар им се става делото перење пари, петмина се товарат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанци. Во текот на попладневните часови се очекува сите тие да бидат изведени пред судија на претходна постапка во кривичниот суд Скопје, каде за сите обвинети обвинителството ќе предложи определување мерка притвор.