
Турските власти запленија три телевизиски станици во „истрага за измама и даночно затајување“
Oбвинител од Истанбул нареди апсење на десет раководители на холдинг компанија поради измама и заплена на нивниот имот, вклучувајќи три големи телевизиски станици, објавија денеска турските медиуми.
Препорачано
Имотот на 121 компанија, вклучувајќи ги телевизиските станици Хабертурк, Шоу ТВ и Блумберг ХТ, во сопственост на холдинг компанијата Кан Холдинг, е запленет поради „измама, даночно затајување и перење пари“, соопшти обвинителството во истанбулското предградие Кучукчекмеџе, според турскиот јавен радиодифузен сервис ТРТ Хабер.
„Кан Холдинг“, кој поседува бензински пумпи, училишта и приватен универзитет, купи три телевизиски станици во декември 2024 година, вклучувајќи го и финансискиот новински канал „Блумберг ХТ“, кој беше создаден во 2010 година во партнерство со „Блумберг њуз“.
„Операцијата насочена кон „Кан Холдинг“, кој исто така ги поседува „Хабертурк“ и „Блумберг ХТ“ (…) би можела да послужи за зајакнување на контролата на владата врз медиумите, мотивирана од желбата за едногласност“, рече Ерол Отероглу, претставник на „ Репортери без граници“ во Турција.
Во телефонски разговор со групацијата, никој од „Кан Холдинг“ не беше веднаш достапен да коментира за истрагата.
„Кан Холдинг“ има акции и во градежната група „Текфен Холдинг“. Акциите на „Текфен“ паднаа за 8,3% во утринската трговија на берзата во Истанбул.
Во соопштение до берзата, „Текфен Холдинг“ изјави дека субјекти како „Кан Холдинг“ колективно поседуваат 17,56% удел во „Текфен“. Додаде дека нема никакви правни дејствија во врска со овие акции или против корпоративниот субјект „Текфен“.
Обвинителството во истанбулското предградие Кучук Чекмеџе во соопштението наведува дека „Кан Холдинг“ и неговите сопственици ги користеле своите компании за нелегален трансфер на пари и фалсификување документи. Според изјавата на обвинителството, сопствениците на „Кан Холдинг“, Мехмет Шакир Чан и Кемал Чан, создале мрежа на организиран криминал.
Ројтерс се обиде да контактира со Мехмет Шакир Чан и Кемал Чан преку „Кан Холдинг“, но тие не беа достапни за коментар.
Според обвинителството, единица за истрага на финансиски криминал извршила проверка на документи и сметки на „Кан Холдинг“ и открила дека таа нелегално прима средства, избегнува плаќање даноци и финансира бизниси со нелегални средства.
„Како дел од операцијата, запленети се средства на 121 компанија, а ТМСФ (Турски фонд за осигурување на депозити) назначи стечаен управник и издадени се налози за апсење за 10 осомничени“, соопшти обвинителството.
ТМСФ објави дека во овој момент негов приоритет е да ги заштити правата на вработените и третите страни и да обезбеди непрекинат континуитет на деловните активности. Додаде дека сите компании што ги управува ќе работат во согласност со барањата на законот.