
Туризмот во Салцбург – благослов или товар?
Очигледно е дека Салцбург е на крстопат кога станува збор за туризмот. Од една страна, градот економски зависи од туристичките приходи, но од друга страна, локалното население веќе чувствува сериозни последици од пренатрупаноста, зголемените трошоци за живот и сообраќајниот хаос
Салцбург, познат како родното место на Моцарт е една од најпопуларните дестинации за градски туризам. Сепак, иако засега нема масовни протести против туризмот како во Барселона или Халштат (Австрија), градот сè почесто се соочува со незадоволство од локалното население, особено во летните месеци и за време на Божиќните Адвенти , кога сообраќајот колабира поради огромниот број туристи. Според едно истражување нарачано од градот Салцбург и Туристичката организација на Салцбург, само 23 проценти од 702 анкетирани жители позитивно или полу-позитивно ги оцениле влијанијата на туризмот врз нивниот личен живот. Ова укажува на растечка потреба за нов пристап кон управувањето со туризмот.
Препорачано
За таа цел, градските власти и Туристичката организација ја ангажирале германската консултантска фирма Проект-М за развој на „стратегија за сеопфатен квалитетен туризам“. Преку онлајн алатка биле собрани околу 200 предлози и идеи, кои потоа биле анализирани и потоа преточени во можни мерки. Дел од овие предлози беа презентирани на граѓански форум минатата недела. Меѓу сугестиите се најде и „Салцбург локал кард“, што би им овозможила на локалните жители попусти за културни и рекреативни содржини. Исто така, се предлага создавање на „Искуства од соседството“ надвор од стариот град, каде би се овозможиле интеракции меѓу локалците и туристите, а се со цел да се растовари централното градско јадро. Овие мерки сè уште се во фаза на разгледување, а финалната верзија на новиот туристички концепт е најавена за крајот на април.
Клучно прашање останува дали новиот концепт ќе ги одрази вистинските желби и потреби на жителите.
Туристичкиот портпарол на Зелената граѓанска листа, Маркус Грoнер-Музил, истакна дека е значајно што на сите туристички работници им станало јасно дека размислувањето за постојан раст на туризмот е завршено. Според него, со 3,2 милиони ноќевања и над десет милиони еднодневни гости годишно, Салцбург го достигнал својот максимум.
Важен фокус на новата стратегија ќе биде сообраќајот. Според анкетата, 70 проценти од испитаниците сметаат дека најголема потреба за акција има токму во управувањето со посетителите и сообраќајот. Ce предлага и забрана за туристичкиот автомобилски сообраќај во центарот на градот, повикувајќи се на примери од Фиренца и Хаг. Дополнително, тој бара туристичките автобуси да останат на периферијата на градот, нагласувајќи дека во Салцбург годишно се регистрираат околу 24.300 вакви автобуси.
На социјалната одржливост на туризмот се осврна и Корнелија Планк, која е и член на Надзорниот одбор на Туристичката организација.
Таа алармираше дека додека цените на становите растат и секојдневниот живот станува сè понедостапен за многумина, се зголемува бројот на туристички апартмани и краткорочни изнајмувања. Планк повика на проширување на забраната за пренамена на станбените простори во туристички сместувачки капацитети од стариот дел на градот кон целото урбано подрачје.
Дополнително, Планк посочи на проблемите со Ар-би-ен-би, нагласувајќи дека моментално казни се можни само ако туристите се фатат на дело во нелегално изнајмена станбена единица. Таа бара законски измени кои би дозволиле санкционирање на самото објавување на нелегални огласи на платформата. Во пресрет на финализацијата на новата туристичка стратегија, останува да се види дали Салцбург ќе успее да најде начин да ги задоволи и туристите и жителите — или ќе се соочи со протести како оние во другите европски туристички центри.