Во Америка нема вечера на Денот на благодарноста без мисирка и свежа брусница - Фотографија Профимедија

Трпезата на Денот на благодарноста во Америка годинава е побогата од лани

Ако доларот ја има истата платежна вредност како во 1984 година, ова ќе биде најевтиниот оброк за Денот на благодарноста, наведуваат авторите на истражувањето

Американските семејства годинава можат да постават побогата трпеза на Денот на благодарноста во споредба со лани, но многу поскромна во споредба со периодот пред пандемијата на ковид-19.

Просечната цена за храната и пиењето на традиционална семејна гозба за десет лица на Денот на благодарноста годинава е пресметана на 58,08 долари – што е за 5 отсто помалку пари од лани, покажува истражување на американската организација на фармери АФБФ.

Ако, пак, во цената се пресмета и чинењето на доларот прилагодено на инфлацијата, оваа година семејствата ќе издвојат најмалку за традиционалната трпеза на ноемврискиот празник уште од 1984 година.

– Ако доларот ја има истата платежна вредност како во 1984 година, ова ќе биде најевтиниот оброк за Денот на благодарноста откако АФБФ го спроведува истражувањето – наведуваат авторите. Од сите пресметки е исфрлена 2020 година, кога мерките за изолација наметнати поради пандемијата на ковид-19 ги спречија традиционалните собири на пошироки семејства.

Повеќето семејства не чувствуваат дека трошоците им се помали од лани и се убедени дека нивната куповна моќ се влошува, поради инфлацијата и поскапувањето на храната за 19 отсто во изминатите пет години. Но, податоците од федералните служби укажуваат дека во истиот период примањата на просечно домаќинство се зголемиле за околу 25 отсто.

– Просечниот Американец денес треба да работи помалку часови за да го има истиот оброк како во претходните години. Платите продолжуваат да растат побрзо во периодот по пандемијата на ковид-19 дури и откако инфлацијата стивна. Просечните плати во споредба со лани се зголемиле за 4 отсто, а во исто време потребни се 9 отсто помалку работни часови за да се заработи годинешната вечера на Денот на благодарноста – се наведува во извештајот.

Авторите подвлекуваат дека оперираат само со просечни цени.

– Се разбира дека зголемувањето на платите не е распоредено подеднакво на сите работници, а долгорочните трошоци за отплата на домовите и за грижа за децата продолжуваат да ги оптоваруваат семејствата на разни позиции во спектарот на приходи – наведува АФБФ.

Како поволен податок за платежниот капацитет на домаќинствата се посочува и тоа што некои од традиционалните производи за трпезата имаат најниска номинална цена во долари во изминатите пет години. Мисирката, на пример, годинава е за 6 отсто поевтина од лани, наспроти повремените епидемии на птичји грип во живинарските фарми.

поредбени податоци укажуваат дека Американците полека се откажуваат од мисиркиното месо – годинава просечно консумираат по половина килограм помалку од лани. Тоа резултира со зголемена понуда и пониска цена на мисиркиното.

Значително поевтин, за дури 26 отсто, е слаткиот компир, а полномасното млеко е поевтино за 14 отсто. Кифличките, пак, и полнењето за мисирката годинава се за 8 отсто поскапи од лани, а цената на свежата брусница е повисока за 12 отсто.

Големите трговски синџири годинава понудиле пониски цени на пакетите за празнична трпеза. Комплетот од мала мисирка, полнење и конзервиран зеленчук за четири лица во „Таргет“ чинел 20 долари, а комплетот за десет лица во „Алди“ бил 47 долари. „Волмарт“ понудил пакет од вкупно 29 производи за осум лица за цена од 56 долари, а меѓу поевтините бил и пакетот на „Амазон фреш“ за шест лица – мисирка, гарнир и десерт – за цена пониска од 5 долари по лице. Корисниците на услугата „прајм“ можеле да искористат и посебен попуст.

Влијание врз цената има и местото на живеење. Американците од западните сојузни држави, кои се најскапи, годинава морале да платат по 18 отсто повеќе за празничната трпеза отколку оние во јужните сојузни држави, кои важат за најевтини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот