зејоделство нафта

Трипуновски вели заостанатите субвенции се исплатени, овоштарите негираат?!

За 9 месеци сме дале речиси 900 милиони евра за увоз на храна, а истовремено сме извезле над 400 милиони евра.

Секоја нова влада во својата програма посочува дека посебно внимание ќе посвети на земјоделството затоа што не ги имаме условите за тоа. Податоците од државниот завод за статистика пак, постојано го побиваат оптимизмот. Според последните бројки, а кои се однесуваат за годинава заклучно со септември, увезена е храна (заедно со живи животни) за 879,6 милиони евра. Во истиот период сме успеале да извеземе храна за 408.8 милиони евра, што значи дека увозот е двојно поголем од извозот.

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски рече дека Владата посветено ќе работи на враќање на довербата на земјоделците, па дури и дека ќе станеме лидер во земјоделско производство. Тој со голема гордост на завчерашната прес-конференција изјави дека сите заостанати долгови се платени, дури и од 2020 година и дека во два дена е извршена исплата од 1,7 милијарда денари кон 78.000 македонски земјоделци за тековната 2024 година.

Стевче Радевски, индивидуален производител на јаболка од Царев Двор тврди дека не им се исплатени двата денари по килограм предадено индустриско јаболко за реколтата 2022/2023 година, како и дека само 30-тина проценти добиле авансна исплата.

-Во однос на поддршката од Владата нас ни е важно да си го исполнат тоа што го презеле. Важно ни е да се исплати тоа што е договорено. За предаденото индустриско јаболко не само што нема исплата, туку и никаде не се најавува такво нешто. За онаа мерката за авансна исплата на сите овоштари по 12.000 денари исплатена е само на 30-тина проценти-изјави Радевски за „Слободен печат“.

Тој вели дека со години учествувал во разни комисии во Министерството за земјоделство и дека секогаш се повторувала истата реченица дека тоа е партнер со земјоделците, но во пракса работеле спротивно на интересите на земјоделците.

-Само се менуваат програмите и стратегиите, а сè друго останува исто – ревносно вели Радевски.

Ристо Велков од Агросојуз од Струмица вели дека субвенциите се секогаш добредојдени, но тие не може да бидат клучни за развојот на земјоделството. Клучно според него е цената на производот што ќе се постигне.

– Во последниве две години имавме добра цена на градинарски производи. Ако тој тренд продолжи тогаш може да се врати земјоделието. Дури, ако се добри цените може да се очекува и младите место да одат во Германија по фабрики да си останат на имот на родителите. Така, може да го вратиме и земјоделието на она што беше пред 30, или 40 години. Субвенциите, едноставно не може да го вратат. Ако јас за декар земјоделска површина имам субвенции од 3.000 денари, а трошок од 60.000 денари, само добра цена ќе ми ги покрие трошоците и ќе ми донесе заработка – вели Велков.

Тој вели дека евтините кредити од унгарската кредитна линија треба да стигнат и до земјоделските производители.

– Зошто да не се прифатат нивни проекти за инвестиции во земјоделството? – прашува Велков.

Сепак, како што можеше да се слушне на неодамнешната средба меѓу банкарите и стопанствениците, од Владата сè уште нема јасни насоки, како и список со дејности по точна нумеричка класификација кои ќе бидат апликативни за оваа кедитна линија.

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е наведено: „Во областа на земјоделството, програмата се залага за поддршка на малите и средните земјоделски производители, со фокус на технолошките иновации, обуките и правилното управување со ресурсите Ова не само што ќе ги подобри условите за работа во руралните области на нашата татковина, туку ќе придонесе за подобар и одржлив развој на земјоделството преку осигурување на сигурна и квалитетна храна за сите граѓани“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот