
Трговскиот дефицит на САД се зголеми на 71,5 милијарди долари во мај
Трговскиот дефицит на САД се зголеми на 71,5 милијарди долари во мај од 60,3 милијарди долари во април, објави денес Министерството за трговија на САД. Според извештајот, извозот на стоки и услуги од САД се намали за четири проценти во мај на 279 милијарди долари, додека увозот остана речиси непроменет, малку паѓајќи на 350,5 милијарди долари, најниско ниво за седум месеци. Најголемиот пад на извозот е забележан во сегментите на немонетарно злато, природен гас и готови метални производи.
Препорачано
На страната на увозот, помалата побарувачка за компјутерски периферни уреди и метални компоненти беше компензирана со зголемениот увоз на компјутери, автомобили и фармацевтски производи. Соединетите Американски Држави го забележаа својот најголем трговски дефицит со Европската Унија во мај, кој се зголеми од 17,9 милијарди долари во април на 22,5 милијарди долари, пренесува Танјуг.
Дефицитот со Мексико исто така се зголеми, од 13,5 милијарди долари на 17,1 милијарди долари, а сличен тренд е забележан и во трговијата со Канада и Виетнам. Единственото значајно поместување во спротивна насока е забележано во трговијата со Кина, каде што дефицитот на САД се намали од 19,7 милијарди долари во април на 14 милијарди долари, се додава во извештајот на веб-страницата на Министерството за трговија, пренесува Танјуг.