
Трговците подметнуваат индустриски пелети, а ги декларираат како да се со врвна класа
Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелети дневно. Пелетите за време на енергетската криза скокнаа на над 600 денари, но сега може да се најдат и за 190 до 230 денари од вреќа која тежи 15 килограми и тоа со се достава
Пазарната инспекција во последниот период открила пелети кои се продавале како висококвалитетни словенечки производи, но во реалноста не потекнуваат од Словенија и не ги исполнуваат барањата за квалитет, откри директорот на ДПИ, Горан Трајковски.
Трајковски информираше дека при инспекциските контроли биле откриени значителни злоупотреби на пазарот, бидејќи пелетите се декларирале како „А1 класа“, што е стандард за највисок квалитет на пелети за домашна употреба, а во некои случаи, сепак, овие пелети имале значително понизок квалитет и се наменети за индустриска употреба, како што се „А2“ или „Б“ класа.
Препорачано
-Пронајдени се пелети декларирани како словенечки, а немаат врска со Словенија. Пакувани се во други држави и не се соодветвене квалитет. Граѓаните мора да знаат кога купуваат каде се пелетите произведени и како се пакувани. Дури тогаш да одлучат да купат зашто во моментов имаме декларирање А1 класа, која може да е А2 или Б, за индустриска употреба – истакна Трајковски. Државниот пазарен инспекторат ги повикува граѓаните да пријавуваат какви било сомнителни случаи на невалидно декларирани пелети за да се овозможи навремена реакција и заштита на потрошувачите.
Пелетите имаат убедливо најмала емисиона вредност во однос на јагленот, нафтата и огревното дрво и согласно истражувањата греењето со пелети загадува 20 пати помалку отколку со дрва. Употребата на пелети за огрев, во домаќинствата и деловните објекти во земјите од Европската унија од година во година расте. Пелетите треба да се составени од чисто дрво, без лепила, лакови или други хемикалии. Тие треба да имаат одредена големина, облик и густина, за да можат да се запалат и да горат еднакво. Ако пелетите не ги исполнуваат овие критериуми, тие можат да предизвикаат чад, мирис и други штетни емисии, кои негативно влијаат врз здравјето на луѓето и животната средина, велат експертите.
Со субвенциите кои ги даваше Град Скопје и повеќе општини во земјава за купување на печки на пелети, одреден процент на граѓани се преориентираа затоплувањето на станбениот простор да го вршат со овој енергенс. Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелети дневно. Пелетите за време на енергетската криза скокнаа на над 600 денари, но сега може да се најдат и за 190 до 230 денари од вреќа која тежи 15 килограми и тоа со се достава. ДДВ то за пелетите изнесува 5 отсто.