
Законот за нефер практики го забранува повратот на непродадените производи
Дел од добавувачите почнале да уценуваат и да условуваат дека ќе ги откажат нарачките доколку трговците не потпишат договор по нивни услови, а најголемите кавги се околу повратот на непродадените производи, реагираат трговците
Врз основа на претходната потрошувачка и со прецизна математика, трговците почнаа да ги прават новите нарачки, бидејќи Законот за нефер трговска практика не дозволува поврат на непродадените производи. Ова особено се однесува на лесно расипливите млечни производи, како јогуртот, киселите млека, разните млечни намази, кајмакот, но и на некои слатки, торти и овошје и зеленчук. Дел од трговците за „Слободен печат“ велат дека веќе добиле опомени од добавувачите да внимаваат со нарачките, оти непродаденото нема да им се враќа. Досега трговците добиваат повратници за производите што ги враќаа и тие паѓаа на товар на добавувачите. Токму тука, велат нашите извори, се правеле големи манипулации и затоа дел од комерцијалистите решиле да им укажат на изготвувачите на Законот, со цел во иднина да престанат овие нефер практики.
Препорачано
– Без оглед на преговарачката моќ во членот 6 на овој закон, за нефер трговски практики во односот меѓу купувачот и добавувачот се сметаат за забранети трговските
практики, кога купувачот ги враќа на добавувачот непродадените земјоделски и прехранбени производи што се испорачани без да ги плати или без да плати за отстранување на тие производи – стои во членот 8, став 20 од Законот за нефер трговски практики.
И додека се чека да почнат сериозните контроли на терен, трговците се обидуваат на најразлични начини да го изиграат законот.
– Стравуваме што ќе се случи, бидејќи треба да склучуваме нови договори. Дел од добавувачите почнаа да уценуваат и да не условуваат дека ќе ни откажат нарачките, доколку не потпишеме договор по нивни услови. Дури се закануваат и од законот нема да има ништо и дека неговата примена нема да види „бел ден“. Најголемите кавги се околу повратот на непродадените производи – се жалат помалите трговци.
Да потсетиме дека Законот е во сила веќе две недели, но цените на производите ќе останат исти сè додека не се потрошат залихите во магацините.
– Додека да се потрошат производите кои маркетите ги имаат во залихи нормално е тие да се продаваат по старите цени. Кога ќе се направат новите фактури, добавувачите со купувачите треба да ги усогласат цените и новите производи ќе излезат со намалени цени за 10 отсто – потсети министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Надлежна за спроведување на овој закон е Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), која до крајот на годинава само ќе ги опоменува трговците. Во моментот КЗК не е функционална, односно не е кадровски опремена да одговори на новата и обемна материја. Во меѓувреме се чека Собранието да го донесе Законот за реорганизација на Комисијата.
Трговците не смеат да бараат пари за место на нивните рафтови
Од 400 до 1.000 евра месечно плаќале многу производители за поистакнато место на рафтовите во маркетите. Дел од трговците барале и неколкумесечен „специјален рабат“ за да промовираат одреден нов производ, а се заканувале дека нема да го примат ако тој се најде и во друг маркет во исто време. Тоа новиот Закон за нефер практики не го дозволува.
– За забранета нефер практика се смета кога трговецот бара надоместок од добавувачот за складирање, прикажување или ставање земјоделски и прехранбени производи на полици на продажното место на купувачот; кога бара од добавувачот во целост или делумно да ги сноси трошоците за попусти на производите што се продаваат како дел од промоција; кога бара добавувачот да плати за рекламирањето земјоделски и прехранбени производи што тој ги рекламира; кога бара надоместок од добавувачот за персоналот за опремување на простории во кои се врши продажбата на неговите производи на добавувачот – стои во Законот.