Фото: МТСП

Тренчевска: Предизвиците со дискриминацијата можат да се надминат ако децата уште од најрана возраст ги научиме на вистинските вредности

Работата со деца уште од најрана возраст, односно промена на начинот на воспитување, но не и промена на традиционални вредности, ниту воспитување кое пркоси на семејните вредности, туку воспитување кое носи прифаќање, поддршка и еднаквост е клучното решение кое ќе ја намали дискриминацијата, посочи министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во денешното обраќање на конференција на Обединетите нации за 2023 година „Слобода, еднаквост и правда за сите“.

Според Тренчевска, во време кога се развива вештачката интелигенција и во време кога е во подем технолошкиот развој, општеството сè уште нема доволно капацитет да живее во духот на толеранцијата и прифаќањето. Таа ги спомена и одговорностите на Министерството за труд и социјална политика и за неговите надлежности истакнувајќи дека еднаквоста, недискриминацијата и социјалната правда се приоритет.

– Како Министерство кое е одговорно за подобар квалитет на живот и добросостојба на граѓаните го донесовме Законот за спречување и заштита од дискриминација, сепак законската рамка е она коешто го одредува текот на општествениот развој или подобро кажано насоката по која ќе се развива општествената свест. Во овој закон се забранува секаква дискриминација во делот на работата и работните односи, затоа што секој еден кој е граѓанин на нашата држава има право да биде економски независен и да креира живот којшто е по негова мерка. Забрана за дискриминација во образованието, науката и спортот, социјалната заштита, домувањето, јавното информирање и медиумите, пристапот до добра и услуги – додава таа.

Министерката истакна дека главните решенија на предизвикот со дискриминацијата е подигање на свеста и негување на култура на почитување уште од најрана возраст.

Конференцијата на Обединетите нации за 2023 година „Слобода, еднаквост и правда за сите“ има за цел да промовира дијалог со цел да се изнајдат подобри начини за справување со дискриминацијата, погрешните информации, дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза помеѓу претставници од Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот